речник контакт

Рибарски приказни од кејот на Вардар

Како дел од бројната армија стечајци, технолошки вишок, невработени го минува слободното време а истовремено помага на тенкиот домашен буџет

Петар Печков

Секојдневно на кејот од реката Вардар во центарот на Велес иста слика. Десетици рибари, исто толку публика, цел им е да им мине времето, објаснуваат и едните и другите. Вака времето го минуваат дел од бројните велешки стечајци, технолошки вишок, невработени. Не им пречи ниту студот, ниту ветерот, ниту ладното време. Поголемиот број од нив  тука се присутни во повеќе денови од неделата,  без неоправдано отсуство. Така е во поголемиот дел од годината, вклучувајќи ги и овие зимски месеци. Ги имаше и по Нова Година и на Божик, за Прочка  и за празник и за делник.

Невработени сме, кој технолошки, кој стечаец и нема каде да го минеме времето па на риболов. Не можеме да одиме далеку, бензинот скап, кола повеќето немаат и затоа сме на кејот кај автобуска или  на Хотелот Вила Зора. Ќе отепаме по четири пет саати ќе дојде време за ручек и пат за дома – вели Никола , кој покажувајќи ја рибарската дозвола докажува дека има 35 годишен стаж во риболовното друштво ,,Бабуна,,.  И останатите негови колеги кои се тука се со регулиран престој, со легална дозвола, нема ништо нечесно, на диво или рибокрадство. Сакаат барем вака да го збогатат домашното мени, и да ја зајакнат тенката куповна моќ, оти рибата завршува на  домашниот астал  а некои и ја продаваат.

  Од престојот тука имаме корист, ќе фатиме нешто риба, ќе однесеме дома на  масата да има месо па макар и рибешко. А нема да бидам и досаден на моите и тие викаат мавни се од дома, па така на одредено време сите сме среќни и задоволни. Подобро вака да им помагам на домашните , отколку да стојам пред фонтана бадијата – објаснува Миле  технолошки од Порцеланка. Риболовот е задоволство  и  рекреација а кофите со рибна  се полни иако објаснуваат Вардар низ Велес е мртва река.

Последните два  големи помора, пред три четири години го уништија рибниот фонд низ Велес. Но сепак се фаќа нешто, мрена скобал, колку да не си одиме дома со празни раце. Затоа можат да се најдат речни ракови а кај мостот на Башино село има уловени и  речни пастрмки. Тоа укажува дека реката полека низ градот се чисти - уверуваат рибарите тврдејќи дека не е ова една од  ,,рибарските,, приказни.

Тврдат дека се и одговорни, досега по големото порибување на Вардар низ Велес не уловиле ниту еден крап, ако некое парче пак   ако се фатело, го пуштеле в река.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »