речник контакт

Ристо Ивановски, лутиер

На неговите гитари свират многу македонски и светски музичари

Петар Печков

Ристо Ивановски е познат кај нас, но многу повеќе надвор од Македонија, како музичар и особено како изработувач на жичани инструменти. Токму тоа, имено, изработката на жичани инструменти, и се подразбира под терминот лутиер.

Називот лутиер потекнува од зборот лута, што е всушност инструмент, еден вид претходник на гитарата кој е сличен на мандолина, но поголем од неа. Оние што ги правеле овие инструменти почнале да ги викаат лутиери иакотие изработувале и други жичани инструменти, виолини и други гудачки инструменти, како и гитари. Би нагласил дека изработувам и македонска тамбура која е можеби единствен автохтон инструмент кој треба да го заштитиме за да не се случи, како и се друго, некој од соседите да ја присвои, па потоа да има преговори и околу тоа прашање, вели наполу на шега, а наполу сериозно, нашиот соговорник Ристо Ивановски.

Токму со тамбурите и секако, со своите гитари, тој ја промовира Македонија секаде во светот. Гитарите што ги изработува се претежно акустични и тоа, класични и џез гитари. Класичните гитари се концертни и ги изработува од најдобрите материјали што моментално може да се набават на светските пазари.

Џез гитарите се модели на Selmer и Maccaferi, како и таканаречени Archtop гитари. Оние кои се поупатени точно ќе знаат за што зборувам. Моделите за кои станува збор се нарекуваат уште и џипси гитари кои ги прослави Џанго Реинхард (1910-1953), според многумина, најдобриот гитарист на сите времиња кој до крајот на својата кариера свиреше токму на таква гитара, објаснува Ивановски.

Откако како тинејџер првпат го слушнал Реинхард, овој станал негов идол, а луѓето почнал на шега да ги дели на оние кои ја сакаат неговата музика и на оние кои не ја сакаат. Музиката што тој ја свири е џипси џез, или свинг, музика што се свирела во 30-тите, 40-тите, 50-тите години од минатиот век, а моделите Selmer и Maccaferi што ги изработува Ивановски се наменети за музичари кои слушаат и музицираат исклучиво таква музика.

Кога самиот почнал да се занимава со оваа музика посакал да има како гитарата на Реинхард, па го отпочнал своето трагање по вештините на занаетот.

Почнав да изработувам гитари од потреба, бидејќи свирев, а немав средства за да набавам скап инструмент. Ми требаа две-три години за да соберам информации шетајќи  по светот и зборувајќи со луѓе што ја знаат работата, објаснува Ивановски.

Сега, вакви гитари во Македонија, а и пошироко на Балканот, можат да се најдат само кај него, бидејќи е единствениот на овие простори кој изработува вакви модели и е на самиот врв, помеѓу светските производители. Ивановски ги изработува гитарите по нарачка, а некогаш за да им биде направен инструментот луѓето чекаат и по шест месеци од едноставна причина што тој не сака да го форсира производството за да заработи повеќе пари, туку ги прави со голема љубов и посветеност. Само додека уживаш во тоа што го правиш, вели тој, можеш да направиш врвен инструмент.

Гитарите научил да ги изработува кај мајстори во Амстердам, Виена, Париз каде што останувал и по неколку месеци за да го научи занаетот. Многу научил и самиот, но вели дека е сепак подобро кога некој ќе ти објасни некои нешта во процесот. Сега и самиот подучува и држи курсеви за изработување инструменти кои траат најмалку 30 дена, со тоа што, како што вели, своите ученици ќе ги советува доживотно.

Во периодот додека трае курсот, доколку е ученикот вешт, може бргу да го научи процесот на изработување гитари  и секако, не е услов да знае да свири, иако, како што тврди Ивановски, додека учи да изработува гитара, ученикот може да научи и да ја свири. Вели дека за изработување гитара требаат и посилни раце, но сепак занаетот може да го научат и жени, а жив доказ за тоа е неговата сопруга Виолета Ивановска која работи рамо до рамо со него и го има совладано занаетот за изработка на гитари од почеток до крај.

Цената на гитарите зависи и од посебните желби на нарачателите, па таа скока доколку тие посакаат некој детал што нивната гитара ќе ја направи уникатна. Добра работа, вели Ивановски, е тоа што секој професионалец некогаш посакува да има уникатна гитара. Разликата меѓу мајсторските гитари што ги прави тој и оние фабричките е во материјалот од кој се изработуваат.

Па така, додека тој своите ги изработува исклучиво од егзотични дрва што ги купува од цел свет, фабричките се направени од шперт плоча, од ламинати се далеку од неговите во поглед на звукот што го произведуваат, па затоа се и многу поскапи. Всушност, самите материјали чинат повеќе отколку што чини да си купиш фабрички произведена гитара. Бидејќи е музичар внимава секој детал од гитарата да биде направен како што треба, без ниту една маана и по највисоки стандарди.

Неговите гитари се продаваат преку интернет насекаде во светот, но најмногу во САД, Канада, Австралија, а во Европа, во Германија, Англија и Франција. Тоа што гитарите на Ивановски најмногу се продаваат во Америка, која е вистинско  легло на фабрики и мајстори за гитари, е доказ дека се навистина квалитетни гитари. Редовно учествува на фестивали на кои го канат како единствен претставник од Балканот, па така на пример, на фестивалот во Германија бил поканет како еден од вкупно десет мајстори од цел свет кои изработуваат вакви гитари и се на самиот врв.

Во Македонија на мои инструменти свират Тони Китановски, Драган Даутовски, Марјан Јовановски (Синтезис), Др. Мето Чепреганов, Тања Царовска, Оливер Јосифовски (Љубојна), Влатко Крстев (Мјузик прогресив квартет), тројца професори по класична гитара во МБУЦ, како и многу други музичари помалку познати во јавноста. Во светот, пак, на мои гитари свират Steve Curry од “Texas Gypcys”, Bill Knox од “Sprigs”, Greg Perin и Stephane Robin од “Los manchos de la Mancha”, Xollywood Joe, Ian Ross од “Zen Hussies”, Norman Ort и други.

Секако, на мои инструменти свирам и јас со моето трио CARAVANIA (Ристо Ивановски-гитара, Стефан Робин-гитара и Иван Бејков-контрабас),со кое неодамна го издадовме нашето ново ЦД. Цедето се продава во Југотон и во сите други продавници низ Македонија под наслов CARAVANIA GYPSY JAZZ SESSION вели нашиот музичар и еден од најдобрите лутиери во светот, Ристо Ивановски,

 текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »