Петар Печков
Објавено: петок, 21 март 2014
Денес, петок во Велес се засадуваат 3,5 илјади во рамките на проектот „Македонија земја на цвеќето - Земја на розата“. На дел од јавните површини во градот нив ги засадуваат вработени од ЈКП Дервен.
Розите се набавени со донација од велешкиот бизнис сектор, илјада од Министерството за животна средина со цел да се отстранат тешките метали од велешката почва. Токму поради ова локалната власт и велешките екологисти се скараа.
Пред три години ЕД Вила Зора обезбеди и се засадија 7 илјади рози, со донација од Швајцарската амбасада. Тогаш проектот започна помпезно на Денот на општината на 9-ти ноември 2010-тата а во засадувањето учествуваа и градоначалниците на збратимените градови со Велес. По толку време ништо од големиот проект, кој требаше да ја исчисти велешката почва. Затоа екологистите прашуваат каде завршија розите засадени тогаш.
Поради реконструкција на Младинскиот и Градскиот парк, дел од розите беа отстранети и никогаш потоа не беа вратени. Редно е општинските власти да ги запрашаат надлежните во јавното претпријатие каде се розите и зошто не се вратени назад. Како сега се садат нови, кога не се грижеа за претходните и која е еколошката и економската оправданост за ова – вели Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.
Според стручните лица, единствениот начин да се отстранат тешките метали оловото и кадмиумот од високо згадената почва во Велес е да се садат рози, кои како тридецениски растенија ги апсорбираат и така ја чистат земјата. Поради тоа се засадија на јавните површини, парковите и места каде престојуваат деца, во дворовите од градинките и училиштата. И од локалната власт се оградуваат од процесот на фиторемедијцација, кој за прв пат на Балканот се спроведе во Велес, но со краток здив.
Општината нема потпишано договор со никого дека е партнер во тој проект. Ако има некаде останато рози, сигурно дека ќе бидат вратени во парковите. Организаторот кој потпишал документ треба да ги бара неговите права, ако постојат. Не е само засадувањето, потребна е и грижа. Општината беше само учесник – изјави градоначалникот Славчо Чадиев.
Идентична судбина како 7-те илјади рози, доживеаја и десетици садниците од промотивната акција ,,Засади дрво, засади иднина,, кои беа засадени на ден пред настанот од познати имиња во земјава. Сите тие беа на четири локации во Младински и Градски парк, пред зградата на Општината и во паркот на ОУ Васил Главинов. Денес нив ги нема, по реконструкцијата на зеленети површини садниците исчезнаа.
Tweet |