речник контакт

Рокот за промена на старата водоводна мрежа на 13 улици во Велес измина, се реализираше само на четири

Од Министерството за транспорт и врски оптимистички најавуваат дека останатите улици ќе се завршат до 20-ти септември

Петар Печков

Со завршувањето на месец мај, заврши и рокот кога требаше да се изврши промена на старите салонитни цевки со кој се снабдуваат со вода жителите на   13 улици во Велес. Во периодот за изградба, кога го промовираше во декември 2019-та при посетата на Велес, тогашниот министер за транспорт Горан Сугарески,  најави дека треба за 18 месеци да се завршат градежните работи.  Од најавените 13 промената се изврши само на четири, додека девет останаа не започнати.

„Многу се израдувавме кога беше кажано дека ќе се изврши промена на асзбесно -цементни водоводни цевки. Помисливме дека конечно и ние во 21 век ќе добиеме квалитетна вода  за пиење. Но по година и половина ништо не се случи“- објаснува жител на улица Славјанска, која е на листата за промена на старата водоводна мрежа.

Во изминатите 18 месец се изврши замена на  старата водоводна мрежа на улиците Богдан Каракостев, 8-ми март, Андон Шурков и Даме Груев а се работи на Орце Мартинов.  Се доцни и со изведбата на системот за водоснабдување и за Бузалково.

Од Министерството за транспорт и врски објаснуваат дека и покрај тоа што рокот е пробиен, сепак ќе се заврши со промената на старата водоводна мрежа во овие улици.

 „До 20-ти септември, проектот ќе биде реализиран, ќе се изврши замената на старата водоодводна мрежа. Проблемите се поради пристапноста до улиците, како и со приклучоците за фекалната канализација.  Со ЈКП Дервен е потпишан меморандум  за  решавање на  проблемот“ - одговорија од Министерството за транспорт и врски, дали и кога ќе биде завршен проектот во Велес.

Градежната активност  за реконструкција на старата водоводна мрежа  беше дел од проектот финансиран од Европска Инвестициона Банка, а се реализираше преку Министерството за транспорт и врски. Вкупната должина на водоводните мрежи, кој требаше да се реконструираат во Велес,  беше 4 км а на канализационите линии околу 300 метри, се заедно во вредност од 625 илјади евра.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »