речник контакт

Руралниот доктор се чека со нетрпение

19 села во велешко се посетуваат во текот на месецот

Петар Печков

Пациенти од велешките села нетрпеливо го чекаат докторот  Атанас Аврамов. Тој неколку месеци е вклучен во проектот ,,рурален доктор,, и заедно со медицинска сестра пет дена во седмицата посетува села во велешко.  Тие  точно во  најавениот термин, 8,30 се на посочената локација, со здравствена книшка во рака и чекаат да бидат прегледани. Ова утро д-р е во посета на Башино село.

Еден од мештаните го чисти дворот од лисјата на стариот јавор, друг помага да се среди просторијата.  Иако близу до градот на неколку километри, голем интерес кај мештаните за посетата на ,,руралниот доктор,,. Повеќето се старци но има и пациенти од средните години,,. Сите тие не ја пропуштаат можноста да добијат бесплатен здравствен третман.

Сакам да се прегледам бидејќи ми е тешко до Велес да патувам. Така сега ми мерат крвен притисок, ниво на шеќер во крвта. Ако нешто не е во ред, ќе одам кај матичниот. Имавме доктор до пред две години во селото, ама малку пациенти сме биле и си замина. Ова сега е добро – вели Љуба Бабуновска.

Таа  ја почитувала процедурата,не беше појадена за да може докторот да измери шеќер.  Притисокот и шеќерот покажа дека старицата за своите 87 години е во добра здравства состојба. 

Дојдов шеќер да ми измерат. Од синоќа не сум јадена за да покаже како што е. Убава работа е што пак во селово доктор иде, оти не се оди за се во Велес на доктор. Треба и други прегледи да вршат, ако може и лекарства да препишуваат.. И коа  ќе застуде да има огин, просторијата да се загрее – рече  Драгица Блажева која има осум децении живот.

Три месеци на  терен секојдневно  со пациентите од  11 велешки села, и по 4 во општина Чашка и  во општина Градско, е докторот Аврамов. Тој најдобро го знае пулсот и состојбата на овие лица.

Имаме  висок одѕив,  оваа акција е прифатена  од луѓето. На почетокот  поради   неинформираност немаше пациенти. Но сега чекаат да дојдеме. Одиме и кај неподвижни луѓе, кои се физички спречени да заминат на лекар. Значајно е што кај одреден број луѓе констатиравме нови заболувања, кои поради непосетениот, старост, не се откриени оти не биле со години на лекар.  Имаме стари изнемоштени лица, кои по долги години не  добиле лекарски совет. Во Согле открив два случаи со миокардија, на повеќе местa нови ,,шеќераши,,. Делуваме и акутно. Кого има случај за итна интервенција а ние сме близу, да не доаѓа  од Велес  итната служба, ние одиме на посета – вели д-р Аврамов.

Бидејќи пациентите се повторуваат, за секој се води засебна евиденција  и се следи неговата состојба, на крвен притисок, на шеќер.  Во  овие села кои се посетуваат, живее постаро население, кое има поголема потреба од чести и редовни  здравствени услуги.

Добро е вака што доаѓа доктор. Арно е и за млади и за стари. Нека продолжи, не можеме да се  пожалиме. Одат дома кај постари луѓе, им пуштаат инјекција. Но потребно е  да се стави еден параван за преглед - рече  Марионка   Рогужарова. Пациентите се надеваат дека во иднина докторот ќе  носи  и подвижни ЕКГ апарати, за да се покрие основната здравствена заштита.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »