речник контакт

Само три првачиња учат во Богомила

``Белата чума,, пустоши во велешко, лани едно прваче во училиштето во Раштани, годинава три во Богомила

Петар Печков

Три првачиња учат во прво одделение во Основното Училиште во Богомила. Двајца се Филип и една  е Марија. Тие се  најмалото одделение во поширокиот велешки регион. Ако лани во селото Раштани, велешко имаше  прво одделение со еден ученик, ова е уште еден пример на ,,белата чума,, која пустоши во земјава. Децата, сега нови другарчиња веќе неколку месеци се заедно во клупа, ги учат буквите и бројките. Учителката Зорица Адамчевска има време и можност на сите тројца да им посвети внимание и да им помогне во совладувањето на првите училишни задачи.

Децата покажуваат интерес  за совладување на наставната материја. Да работиш само со три ученици е жално. Тие се прекрасни. Мирни, трудољубиви. Сакаат се да знаат. Навистина голема штета е што нема  повеќе ученици. Судбината на Азот е таква. Се запустеа селата. Луѓето си заминаа, а со нив и децата - вели наставничката  Адамчевска.

Марија Здравевска  е од селото Нежилово, додека двете машки првачиња се со исто име и презиме  Филип Димовски, едниот е од Богомила другиот од Согле. Нема прваче ниту во подрачното училиште во Ореше. Ако некогаш, пред половина век тука имало стотици деца, сега нивната бројка е драстично, неколку кратно намалена. Со изумирањето, поточно со миграцијата  на населението од овој дел од Централна Македонија, се намалуваше и бројот на децата во училиштето. Луѓето заминаа најмногу во Скопје, потоа во Велес и Прилеп. Богомилчани се горди што низ нивниот крај мене и возот, но тој во повеќе случаи го носел луѓето во еден правец,  се иселувале, отколку што патувале.

Во училиштето во Богомила,  од прво до деветто одделение, учат само шеесет ученици, наспроти бројките од 450 колку што ги имало во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Од година во година нивниот број е се помал.  Тука доаѓаат деца од осум населени места. Некогаш настава се изведуваше во две смени, а денес само претпладне. Убавата вест е што до година во прво ќе имаме дури осум нови ученици, што не радува сите - вели Нина Марковска, директор на училиштето Петар Поп Арсов.

Во селата од Азот се помалку се слуша детскиот глас и нема кој да игра по прекрасната природа. Во селата останаа повозрасни и старците, додека младите заминуваат или пак не оформуваат семејство. Тројцата првачиња Филип, Марија и  Филип доаѓаат во училиштето со автобус и остануваат  до 12 часот. Имаат време и за учење и за играње. Во некои денови друштво им прави и петгодишната Елена која наместо да седи дома, сака да доаѓа на училиште иако треба да започне од следната година.

Детските желби на малите јунаци од оваа приказна се големи. Едниот да стана фудбалер  во големата  Барселона, другиот да вози голем камион а на единствената девојка Марија е да биде учителка но која ќе учи одделение со голем број ученици.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »