речник контакт

Санирана е велешката Спомен Костурница

Сочуван е најголемиот мозаик во земјава, дело на Петар Мазев

Петар Печков

Заврши санацијата  на велешката Спомен Костурница на паднатите борци од НОБ. Проектот траеше 2,5 години започна во декември 2013-тата а заврши деновиве. Со него во три фази  се реши проблемот со прокиснувањето на  кровот од објектот, поради што беше оштетен и доведен во прашање најголемиот мозаик во земјава, дело на Петар Мазев. 

Беа предвидени три фази и сите три се реализираа. Се реши прокиснувањето на вода,  се обели внатрешноста и надворешноста и се заштити мозаикот.  Овој вид на изолација се изведе прв пат во Македонија и се надевам дека е успешен, тоа времето ќе го  покаже - рече  Мемет Селмани директорот  на Националниот конзерваториски центар.  

Санацијата се изведе на 900 м2 површина. Водата од дождовите преку мали ситни отвори, со години навлегувала во внатрешноста преку  кровот, а од зимата и ниските температури се разјадувал, дошло до оштетување и создавање на големи процепи. Преку нив водата се слевала во внатрешноста за да биде оштетен мозаикот на Мазев кој е на површина од  220м2.

Мозаикот е композиција од 5 слики,  преку кои авторот ја покажува Македонската епопеја, од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни па се до НОБ. Мозаикот е направен од природен и вештачки камен, од венецијанска паста во повеќе бои. Изведбата беше тешка и сложена работа а санација чинела 4,5 милиони денари, средства обезбедени  од Министерството за култура .  

Работите се изведуваа неколку години со цел да се заврши квалитетно, бидејќи објектот е доста специфичен. Се работеше стручно, со голем број анализи, со соодветен материјал се заврши реконструкција и се конзервираа мозаиците на Мазев   - рече министерката Елизабета Канчевска Милевска.

Во внатрешноста на Спомен костурницата ќе се постават четири скулптури на Станко Павлевски, сопственост на Народниот музеј од Велес.  Со завршувањето на санација, остана локалната власт да  ја уреди околината но  и да го сочува објектот.  Поради кражба на  електрични кабли, тој  неколку години  е во мрак а украдените плочи со имињата на паднатите борци неодамна  беа пронајдени.  

Напролет хортикултурно ќе ја уредиме околината, ќе поставиме светло. Ќе поставиме и видео надзор, за да нема кражби - најави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.  Тој најави дека  ќе ги постават бистите на сите борци, кои беа отстранети пред пет години од јавните површини во градот по серијата кражби.  Доколку се постават камери, ќе бидат вратени и бакарните плочи во предворјето на објектот,  со имињата на паднатите борци. 

Спомен Костурницата е еден  од белезите на градот Велес. Изградена е 1979-та година и е дело на двајца автори до Војводина,  академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектот Саво Суботин од Нови Сад.  Таа симболично означува раѓање на новото утро, распукување на земјата.  

Во специјална простор во објектот се чуваат посмртните останки на 100-тина борци од НОБ од велешко, меѓу нив и на поетот Коста Солев Рацин.  Спомен Костурницата беше санирана од  прокиснување и во 2003-ата но поради лошата изведба, кровот повторно протече за две години. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »