речник контакт

Св. Атанасиј Велики и Кирил Александриски 31јануари

Именден празнуваат: Атанас, доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте...

Петар Печков


Свети Атанасиј се роди во Александрија. Во младоста стекна солидно образование. Уште како млад, неговата ревност ја забележа архиепископот Александар, па кога потпорасна го зеде за свој личен секретар. Кога Александар се упокои на александриската катедра беше избран Атанасиј. Свети Атанасиј неколку пати беше прогонуван оттаму од еретиците и неколку пати се враќаше на катедрата. Крајот на животот сепак го помина во својата црква во Александрија. Се упокои во 373 година. Денес се слави заедно со свети Кирил Александриски (петтиот век), зашто и двајцата александријци во свое време излегоа во заштита на православието против аријанството и против несторијанството.

На 31 јануари се празнува празникот Свети Атанасиј или Танасовден -зимен, а на 15мај Свети Атанасиј Велики или Танасовден - летен. Свети Атанасиј наречен Велики е роден во Александрија во 296 година. Едно време минал во пустина заедно со Свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.

Учествувал на Првиот Васеленски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против Ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени еретиците. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на еретиците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење Свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети.

Само една година по Никејскиот собир бил поставен за архиепископ во Александрија и тука на архиепископскиот стол останал 46 години.

По поразот на Никејскиот собор ариевците се обиделе да се вратат во црквите. Тие издејствувале од царот да се заложи кај архиепископот Атанасиј да биде повлечена анатемата, но тој тоа не го дозволувал. Најпрвин ја одбил сугестијата на цар Костадин да биде потолерантен кон ериевците, а потоа ги одбил и наредбата на царот еретикот Арие да го врати во црквата. Поради тоа бил наклеветен како бунтовник и бил протеран во Галија.

Тогаш царот инсистирал кај цариградскиот архиепископ Александар да го врати Арие во црквата по што овој цела ноќ се молел на Бога да не дозволи црквата да биде испоганета. Утрото кога Арие тргнал да влезе во црквата следен од своите многубројни приврзаници почувствувал болки и веднаш умрел на патот.
Уште четири пати Свети Атанасиј бил протеруван во прогонство, за време на Констанциј синот на Константин, за време на царот Јулијан Отстапник и за време на царот Валент. Сиве овие владетели им биле наклонети на Ариевците. Така Свети Атанасиј во прогонство минал цели дваесет години. Умрел на 15 мај 373 г.

Празникот Св. Атанасиј - зимен народот го смета за средзимо па се верува дека глвните студови веќе се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците.

Манастир Свети Атанасиј Велики во Лешок

Најпознат манастир посветен на светиот Атанасиј Велики е оној во с. Лешок, Тетовско. Но кога станува збор за овој манастир веднаш се помислува на двете цркви едната посветена на Св. Атанасиј и другата на Пресвета Богородица. Црквата Св. Атанасиј е подигната во 1335 година од страна на јеромонахот Антониј подоцна долгогодишен епископ под името Јоанакие. Едно време од крајот на 17 век црквата била напуштена, а потоа овде живеел и Кирил Пејчиновиќ кој во 1818 година го обновил монашкиот живот во манастирот и формирал богата библиотека. Во воениот конфликт во 2001 година црквата беше урната и подоцна повторно обновена.

Црквата Пресвета Богородица е од 17 век и е изградена на местото каде што уште во 13 век постоела црква. Порано црквата била парохиска, а подоцна станала метох на манастирот Св. Атанасиј.
Во дворот на црквата се наоѓа гробот на Кирил Пејчиновиќ, а во манастирските конаци оригиналната надгробна плоча со текст испишан од неговата рака.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »