речник контакт

Св. маченичка Варвара и св. Јован Дамаскин

Во Велешко се верува дека од Варвара до Игнат денот се крева колку врв од игла, а од Игнат до Василица пак како врв од игла.

Петар Печков

Света Варвара се роди во Хелиопол, за царувањето на Максимијан. Татко и беше незнабожец. Се викаше Диоскор и беше многу богат човек. Варвара израсна во осама, во богатите дворови на татко и. Нејзината мисловност и помогна да го познае Бога преку величината и совршеноста на созданието. Подоцна се крсти. Кога татко и дозна за тоа, ја предаде на властите. Света Варвара претрпе големи измачувања заради Христа и најпосле ја погуби нејзиниот безумен татко. Денес Црквата го слави и свети Јован Дамаскин. Живееше во осмиот век. Со голема ревност и длабочина на мислата го бранеше Православието и почитувањето на иконите од иконоборците.

Погубена од својот татко затоа што била христијанка

Еден од поголемите празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот на светата великомаченица Варвара. Затоа што била христијанка ја погубил нејзиниот татко кој бил паганин на денешен ден 306 година.


Житието сведочи дека светата великомаченица Варвара потекнувала од феникискиот град Илиополе. Живеела во време на римскиот цар Максимилијан кога е вршен жесток прогон на христијаните. Мајка и рано починала, а татко и по име Диоскор, бил богат и угледен граѓанин, но бил паганин, кој строго ја воспитувал својата единствена ќерка. Изградил висока кула во која ја затворил, и и ги обезбедил сите задоволства. Ја служеле слугинки, и поставил идоли за поклонување и молење и изградил бања со два прозора. Додека станала полнолетна била целосно одделена од светот.

Од високата кула ги гледала само далечните планини и огромните сини небесни пространства.  Немала учители што би ја воспитале во благочестив христијански дуг, но гледајќи низ прозорот по Божја промисла ги осознала Божјите благодети. Кога пораснала бидејќи била многу убава, а татко и многу богат, многу момчиња од угледни семејства ја побарале за невеста. Татко и и кажал дека и е време да се омажи, но таа му рекла да не и зборува за тоа. Тој очекувал дека со време и тоа ќе се случи.

Еднаш кога татко и требало да отпатува од градот за подолго време им наредил на слугинките  да и дозволат да излегува и да се среќава со нејзини врснички. Мислел дека и таа откако ќе види дека тие се омажени ќе посака и таа да се омажи. Но таа се сретнала со некои христијанки кои подетално ја упатиле во тајните на христијанската вера. И зборувале за вистинскиот Бог Исус Христој кој слегол на земјата, зел човечка форма и претрпел многу страдања за спасение на човечкиот род.

Сега срцето на девојката се исполнило со љубов кон вистинскиот Бог и таа посакала да стане христијанка. Тоа набргу се случило, откако во градот дошол од Александрија еден свештеник кој кога разбрал за нејзината желба веднаш ја крстил. Варвара побарала на бањата да направат три прозора како симбол на светото тројство: Таткото, Синот и Светиот Дух.

За да ја освети бањата со прстот направила крст на ѕидот, а крстот се врежал во мермерот како со железо издлабен. Потоа и од стапалката каде што згазнала потекла лековита вода од која многу болни нашле исцелување. Кога татко и се вратил од пат бил изненаден од тие измени, а таа му признала дека е христијанка и дека верува во единствениот Бог кој ги создал небото и земјата. Татко и бил изненаден, жестоко ја претепал и ја затворил во кулата.  Во тоа време паганите верувале дека христијаните се малоумни и нечесни луѓе, зашто веруваат во оној што умрел на најсрамен начин, како најголемите разбојници распнат на крст.

Кога и по неколку дена не успеал ниту со ветувања, ниту со сила да ја убеди да се откаже од својата вера ја одвлекол кај управникот на областа Мартијан, за да ја казни. Му кажал дека се откажува од неа затоа што таа почнала да верува во Распнатиот.

Мартијан најпрвин се обидел да ја убеди да се откаже од својата вера, да не се спротивставува на својот татко и да не се откажува од богатството што тој и го подготвил, но таа останала тврда во своето убедување. Кога го видел тоа управителот наредил да ја тепаат со воловски жили. Одвај жива ја однесле во затворот. Таму пак долго ја мачеле и тепале додека телото не и било покриено со рани и крв. Но преку ноќта и се јавил Исус со ангелите и ја излекувал. Кога следниот ден ја донесле кај управителот, таа целата светела од радост и убавина. 

Тој пак и понудил да им принесе жртви и да им се поклони на паганските богови, затоа што тие ја излекувале. Но Варвара му рекла дека не паганските богови туку ја излекувал Господ Исус Христос кој лечи секакви болести и на мртвите им дава живот.  “Нему со благодарност му се поклонувам и му се принесувам за жртва”, му рекла таа. Потоа пак ја подложил на невидени маки, но таа со цврста вера сето тоа го  истрпела.

Гледајќи го тоа една жена по име Јулијана посакала да биде исто така мачена. Кога видел дека не може да ги поколеба Мартијан ги осудил на смрт. Војниците им ги отсекле градите, а потоа ги потерале надвор од градот каде што требало да бидат погубени. Најпрвин таткото на св. Варвара и ја пресекол главата, а потоа и Јулијана ја убиле војниците. Истиот ден Божјата казна ги стигнала и таткото на Варвара Диоскор и управителот Мартијан. И двајцата ги убил гром, а од нивните тела ништо не останало. Двете маченички ги погребал некој христијанин кој изградил и храм над нивните гробови.

Светата великомаченица Варвара настрадала во 306 година, а светата црква споменот на нејзиното име го празнува на 17/4 декември. Нејзините мошти се наоѓаат во Киев, а светото предание сведочи дека таа повеќе пати се јавувала некогаш сама некогаш со Пресвета Богородица.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »