речник контакт

Света Педесетница - Духовден (Св. Троица)

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква. Духовден е подвижен празник кој е поврзан со Велигден и паѓа на педесетиот ден од него. Овој празник како и Велигден се празнува три дена.

Петар Печков

Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педестница и тн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.

Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.

Духовден  се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и под името “Мртва сабота”.


Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил Светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.



Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква.

Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.

Неделата по Духовден се Петрови поклади, кога започнуваат Петровденските пости. На овој ден црквата го празнува споменот на Сите светци. Овој празник меѓу народот е познат и под името Сисвети. Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »