речник контакт

Свети Наум Охридски - Чудотворец 5 јануари

Исцелител и просветител на македонскиот народ. Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка... За манастирот Св. Наум во продолжение

Петар Печков


Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, Свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност.

Но Свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на Свети Наум зрачел на поширок простор, не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти.

Но култот кон Свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.
За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.

Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј”, а се знае за  уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил”, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст”.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на Св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патописци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Во старо време еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чорбаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе  фамилијарно мајсторите со калфите.  Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот.
Натаму Цепенков го опишува еснафското празнување, што се изведувало на истиот начин како што другите еснафи си ги празнувале своите празници: воденичарскиот - Св. Никола , бочварскиот - Преображение ,  калајџискиот - Света Богородица итн.

Цепенков, уште во поглавјето за светците истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите Свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници што значи лекувале бесплатно. Такви се Светите врачи Кузман и Дамјан, Свети Пантелејмон, лекувал и Свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи Свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Манастирот Свети Наум

Овој манастир е подигнат од Св. Наум Охридски - чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир Свети Наум Охридски, иако црквата е посветена на Светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на Св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.

Во црквата се наоѓа и гробот на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.
Преданија и легенди за Свети Наум Охридски – Чудотворец
Манастирот Свети Наум го изградил охридскиот цар
Кон крајот на деветтиот и почетокот на десеттиот век во Охрид живеел некој цар. Царот имал само една ќерка, но била многу болна. Ветувал царот голема награда за оној што ќе ја излекува. Многу луѓе се обиделе, но никој не успеал да ја излекува. Најпосле се нафатил Свети Наум. Од ден на ден царската ќерка била се подобра и подобра и најпосле сосема оздравела. Тогаш царот го прашал Свети Наума (а тој не знаел дека е светец) што сака. Свети Наум побарал да му се изгради манастир на јужниот брег од Охридското Езеро на височинката крај изворите на Црн Дрим. Царот се согласил и за кусо време бил изграден манастирот Свети Наум.

Црквата Свети Заум

Свети Наум прво ја направил црквата во Свети Заум. Потоа го ставил прстот на ум и рекол:
- За ум ја подигнав.
Тоа го рекол зашто до неа никој не можел да се добере. Подоцна ја изградил црквата Свети Наум.
 
Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови

Св. Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна на езерото, Христовата наука, решиле и заедно да ги  подигнат  црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од едниот до другиот рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова.

Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Св. Наум уште вчерта бил готов.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »