речник контакт

Свети апостол и евангелист Марко 8 мај

Светиот апостол и евангелист Марко е еден од четворицата евангелисти, автори на Новиот завет од Светото писмо.Се смета за заштитник на ѕидарите, адвокатите, писарите, стакларите, затворениците и заштитник на Египет и Венеција. Именден чествува Марко.

Петар Печков

Роден е во Ерусалим, според едни бил ученик на светиот апостол Петар, според други е еден од 12-те Христови ученици. Мајка му била побожна христијанка, сестра на Варнава. Во нејзиниот дом се собирале христијаните за молитви, а во нејзината куќа се одржала и светата Тајна вечера на Исус со апостолите.

Светиот апостол и евангелист Марко се дружел со светите апостоли Петар и Павле, со нив прошетал многу места каде што го ширел Христовото учење како што се Кипар, Рим и други места. Во Рим под директно влијание на Св. Петар го напишал Евангелието, за кое се тврди дека е напишано десет години по Христово вознесение.

Истражувачите истакнуваат дека ова евангелие било напишано за читателите од нееврејско потекло. Папиј, кој пишувал околу 130-тата година од н. е.  укажува на Марко како на толкувач на Петар кој пак „точно ги помнел и запишал Христовите зборови и дела“. Ова е многу важно сведоштво бидејќи зборува за фактот дека Марко информациите ги добил од прва рака, т.е. од устата на еден од најблиските Исусови соработници.

По наговор на Св. Петар заминал за Египет, во градот Александрија станал епископ и многу народ покрстил. Неговата популарност и особено заслугите за ширењето на христијанството не можеле да му ги простат неверниците кои насилно влегле во црквата, го врзале и го влечеле по патиштата додека не ја предал душата на Бога. Од месното население бил погребан во близината на Александрија, а подоцна побожните жители на Млетачката Република неговите мошти ги пренесле во Венеција и ги погребале во црквата изградена за таа прилика што го носи неговото име.

И денес неговите мошти се наоѓаат во оваа црква, а тука има и ракопис на Евангелието по Марко за кое се смета дека е пишувано со неговата рака. Целото име на апостолот и евангелист Марко е Јован Марко, Евангелистот Марко настрадал во 68 година за време на владеењето на императорот Нерон. Се смета за заштитник на ѕидарите, адвокатите, писарите, стакларите, затворениците и заштитник на Египет и Венеција.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »