речник контакт

Свети маченици Кирик и Јулита, 28 VII, Свети свештеномаченик Антиноген, 29 VII, Света великомаченица Марина (Огнена Марија), 30 VII

Празници во најтоплиот период од годината поврзани со оганот. Овие три празници меѓу народот се празнуваат како еден празник: Горешници - Чуруци и имаат иста смисла, заштита од оган, пожари и сл.

Петар Печков

Во периодот на најтоплото време во годината народот празнува три дена, како што се вели, за од оган. Тоа се празниците посветени на Светите маченици Кирик и Јулита 28/15 јули, Светиот свештеномаченик Антиноген и неговите 10 ученици 29/16 јули и Светата великомаченица Марина (Огнена Марија) 30/17 јули. Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва сама од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден.

Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган).  Уште  чурук се вели за нешто што не добро, односно што е лошо ( стана чурук - стана лошо). Во некои места се смета дека ако се работи на овој ден ќе се исчуручи нивата (Дебарца, Охридско), односно ќе стане неродна. И во други места се верува дека ќе се исчуручат алиштата, ќе скапат.

Во таа смисла е и записот на Е. Спространов во кој се вели: „Чуреѕи се вика денот на 15 јули. Тој ден жените не работат тешка работа (не перат, не влачат волна, не предат и др.), за да не им „чурутисвет“ алиштата - станувале чурук-изгнивале”. Во смисла на народните верувања за овој празник интересен е и записот на М. Цепенков кој сведочи дека според овој ден се прогнозирало какво ќе биде времето. На 15 јулиј (зуреци), во тој ден гледаат старите на времето какво ќе биди: ако је многу горештина, зимата ќе била многу студена; ако е облачно, зимата ќе била мека; а пак ако је дождовито зимата ќе била со лапајци”.

За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и Светата великомаченица Јулита со својот  петгодишен (според некои сведоштва тригодишен) син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владател Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила, но синот и дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од  вториот кат и детето на местото останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч и била отсечена главата. Тоа се случило во 304 година.  Споменот на светите маченици Кирик и Јулита светата Христова црква го празнува на 28/15 јули.

Светиот свештеномаченик Антиноген епископот од арменскиот град Пидахтон со своите 10 ученици настрадале поради вербата во Христа, за време на императорот Максимилијан. Кога на Антиноген му било заповедано да принесат жртви на идолите за да не загинат како многуте христијани тој на мачителот му одговорил: „О мачителе! Тие за кои што ти велиш дека загинале не се загинати, тие се на небо заедно со нагелите”. Потоа најпрвин биле исечени со меч учениците, а потоа и самиот Антиноген. Тоа се случило во 311 година. Споменот за нив црквата го празнува на 29/16 јули.

Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење и била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15.000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена Светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините стрдања Светата православна црква нејзиниот  ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.

Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген исто така имаме асоцијација на оган, а и Светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија. И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина - многу топло)  или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.

Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнуат тој ден за „чурец”.



Очигледно во најтоплиот период од годината, на празнувањето споменот на неколкумина свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со оганот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »