речник контакт

Се најде лек за зависниците од дрога

По пет години, конечно проработи Дневниот центар за нарко-звисниците во Велес

Петар Печков

Еден месец велешките зависници од дрога се лекуваат во  ново отворениот дневниот центар, кој е сместен во Општата Болница. Триесетина лица засега тука најдоа спас за нивните проблеми и се лекуваат со метадонска терапија. Ако досега тие патуваа до Штип, Кавадарци и Скопје и имаа дополнителни трошоци, сега за дневната метадонска доза ќе треба да дојдат до велешката Болница.

Официјалната бројка е дека во Велес  има 300 зависници, додека познавачите на состојбите тврдат дека таа е три пати поголема и се движи околу илјада. Остана црната бројка од 20 смртни случаи во 2009-тата на нарко-зависници во Велес.

Конечно по пет години борба, се најде решение за нашата мака, најдобро за нас зависниците. Задоволни сме од персоналот, ни помагаат, се што треба ни даваат како услуга. Малиот број на корисници засега  е поради страв, срам, предрасуди кај оваа категорија лица. Повеќето знаат за него, но ќе треба да мине време, да почнат да доаѓаат. Овој центар беше потребен, бидејќи немаме пари да купуваме, па некој од нас мораа и да крадат за да можат да земаат дрога. За него знаеме со пренесување на информацијата, сами меѓу себе, во нашите кругови – вели Зоран М. зависник од дрога.

Терапијата, метадонот се пие пред персоналот во нивно присуство,  за преку викенд  ампулите се даваат за дома, но само со присуство на родител, сопруг, сопруга. Во Дневниот центар, пациентите престојуваат по осум часа, додека се извршува  третманот, во период  од две седмици. Повеќето од пациентите  се корисници на хероин, помалку кокаинот и екстази таблети.

Пациентите кај нас добиваат метадонска терапија, замена за хероинот , кој најчесто го користат. Две седмици  ги следиме како се движи нивната состојба.  Целта е да се постигне пациентот да нема  апстиненцијални кризи, за да може да се социјализира.  Тие сакаат да работат, да имаат семејство, го сакаат животот. Може да се примети нивното подобрување за овој период, но важна е дисциплината, по заминувањето дома да се контролираат сами, да не земаат  дрога – вели д-р  Мими Димитриева.

Матичните доктори веќе не препишуваат метадонска терапија за зависниците, туку ги упатуваат во овој Дневен центар. Повеќето од неговите корисници се мажи на 30-тина години, девојките на возраст до 25 години. Тие тука ја пијат дневната доза  метадон и си заминуваат дома. За нив најголемата навреда е ако се употреби изразот наркоман.  Со нив работи тим од доктор, социјален работник, две медицински сестри, обезбедување  а  потребен  е уште психолог. 

Многу се лутат ако било кој ги нарече наркоман и затоа апелирам до јавноста тој израз да го избегнува. Употребувајте го зборот зависник за овие лица. Тие многу сакаат да се излечат и да се вратат во општеството, како нови луѓе, тоа им е најголема желба. Сакаат да разговараат за себе, за нивниот живот и затоа поделени сме во групи каде заеднички дискутираме на различни теми. Колку се искрени тие си знаат, но отворено зборуваат и за најинтимните прашања – вели Весна Кузева Чолакова дипломиран социолог.

Како Болница ги создадовме сите неопходни услови, просторни и кадровски за да можеме на оваа категорија лица, максимално  да им помогнеме.   Неколку години во Велес се правеа напори да  функционира Дневен центар за зависници. За жал  има потреба од него, бидејќи има пациенти и мораме на сите граѓани да им помогнеме.  Очекувам во наредниот период нивниот број од 30-тина да се зголеми – вели д-р Ванчо Граматов  директорот на ЈЗУ Општа Болница Велес. Ова е проект на  Министерството за здравство, помогнат од надлежни институции ЈЗУ Здравствен дом, Центар за социјални грижи од Велес. Сместен е во приземјето од новата зграда на Невропсихијатрија, која е адаптирана за таа цел.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »