речник контакт

Се поголем е бројот на лица со рак на дебело црево во Македонија

МАРТ – МЕСЕЦ НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ

Петар Печков

Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори.

Според последните податоци од 2021 година, кај нас има 747 нови случаи, од рак на дебело црево (колон, ректум и сигма). Секоја година во Република  Македонија од оваа болест умираат околу 500 луѓе или 482 во 2021 година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт од малигни тумори и кај мажите (303) и кај жените (179) и ја прави социо-медицински проблем.

Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години.

Се покажа дека овде возраста може да биде прогностички фактор, односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократко севкупно преживување.

Посебен проблем, кај нас и во светот е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагнозата, најчесто во црниот дроб, кај околу 25% од пациентите. Додека во најраните стадиуми на болеста, петгодишното преживување е над 90%, во првичните метастатски форми тоа е околу 10-15% од пациентите.

Колоректалниот карцином е меѓу најчестите видови на рак кај современиот човек. Инциденцата на тумори на дебелото црево е висока кај нас и се приближува до стапките на инциденца на колоректален карцином во Европа и светот. Ракот на дебелото црево е прв или втор на листата на малигни тумори на дигестивниот тракт, во зависност од географската средина.
 
Симптоми

Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како:

крварење во столицата,
неправилна столица,
течна столица,
синдром на ретка столица,
наизменичен запек и дијареа,
чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.

Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата кое не ја менува бојата на столицата.

Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија.

Дијагноза

Дијагнозата на рак на дебелото црево често се поставува со колоноскопија кога ќе се види туморска промена, од која се зема парче ткиво (биопсија). Со оваа процедура ни е важно точно да утврдиме каде се наоѓа туморот, како изгледа и за каков тип на тумор се работи. Исто така ни е важно да знаеме дали цревото се стеснува или целосно се затвора, а ова е важно за понатамошниот тек на лекувањето, пред сè хируршки. Туморите понекогаш се гледаат со скенер или магнетна резонанца на абдоменот. Во најлошите случаи, кога операцијата на дебелото црево се јавува поради болка, крварење или застој на црниот дроб, дијагнозата се поставува при самата операција.

Како се лекува ракот на дебелото црево?

Одлуката за понатамошниот тек на лекувањето ја донесува тим од лекари (во консултација). Третманот најчесто е хируршки, по можност со ресекција во еден чин. Терапијата со зрачење е исто така опција и понекогаш се советува пред самата операција. Анемијата треба да се корегира предоперативно со трансфузија. Итни операции, поради опструкција, бараат две до три фази (декомпресија, ресекција, анастомоза). Колостомијата го декомпресира цревото, ги ублажува симптомите и може да се затвори подоцна. Ракталниот карцином може да бара целосно отстранување на ректумот со трајна колостома.

Превенција

Бидејќи се потребни 10-15 години за полипите на дебелото црево да се развијат во рак, раното откривање со скрининг е важно за да може полипите да се отстранат пред да станат канцерогени. Постојат неколку достапни тестови, но еден од најчесто користените на светско ниво е ФОБ тестот (тест за детекција на окултното крварење во столицата). Скринингот сега се препорачува почнувајќи од 45-годишна возраст. Освен раниот и постојан скрининг, неколку промени во животниот стил може да го намалат вашиот ризик.

Исхраната треба да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се земаат најмалку пет порции свежо овошје (јужно овошје, јаболко, круша, слива) и зеленчук дневно. Брокулата и зелката треба да се земаат најмалку еднаш неделно. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува конзумирање на сушени месни производи. Се препорачува често да се јаде риба и живина како извор на протеини од животинско потекло.

Примарната превенција вклучува препорака за одржување на телесната маса во текот на животот во опсегот на БМИ (индекс на телесна маса) од 18-25. Се препорачува умерена физичка активност најмалку три пати неделно.

Секундарна превенција на рак на дебелото црево е полипектомија. Полипектомијата за бенигни тумори на дебелото црево го намалува ризикот од развој на рак на дебелото црево за 76-90% од очекуваното.

текстот е на ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НА МАКЕДОНИЈА

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »