Петар Печков
Објавено: вторник, 31 декември 2024
На неколку локации од велешкиот ревир, беше извршено порибување на рибниот фонд. Тоа се однесува на реките Вардар, Бабуна и Тополка. Вкупно е пуштен 280 кг подмладок на крап и на пастрмка.
Порибувањето е во рамките на обврските на Здружението на спортски риболовци (ЗСР) Бабуна од Велес, кон Министерството за земјоделие и водостопанство. Го надгледуваше инспектор од Државниот инспекторат за земјоделие и водостопанство, м-р Димче Купенков. „Се изврши редовно порибување на дел од водите кои се во ревирот на ЗСР Бабуна по основ на концесија а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура. Реката Вардар во Велес е порибена со 200 кг крап. Во реката Бабуна е пуштено 50 кг подмладок од пастрмка а во реката Тополка 30 кг подмладок пастрмка. Тие количини се согласно со програмата на ЗСР за годишна работа. Пастрмката се пушта во Тополка и Бабуна, бидејќи таму условите дозволуваат, водата е чиста. Не го порибивме езерото Младост, оти добивме препорака од Хидробилошки завод Охрид, дека водата не е исправна и не е добро да се пушти подмладок на риба. Одложено е за понатаму, кога ќе се подобрат условите“ -кажа Даниел Наумовски, претседател на ЗРД Бабуна. Рибата која беше пуштена е набавена од Акватика Неготино. Во некои минати години, на овој чин, порибувањето имаше новинари, што не се случува неколку години наназад. Причината рибокрадците. „Искуството од претходни години покажа дека информацијата се пренесува веднаш како и локацијата, па се соочуваме со изловување на рибата која е пуштена во ррекита. За да не се случува тоа уловување на младите примероци, УО на ЗСР реши информацијата да ја објавиме неколку дена подоцна“ – рече Наумовски.
Tweet |