речник контакт

Се стави клуч на црковно народната кујна во Дворови

50-тина лица, социјалци, останаа без еден оброк на ден. Тука се хранеа и православни и муслимани

Петар Печков

Од крајот на месец мај, вратите на Црковно- народната кујна во Велес се затворени.   Корисниците објаснуваат дека усно им било кажано дека повеќе нема да се подготвува храна и дека кујната се  затвора.  

Соседите додаваат дека дел од опремата која била внатре е иселена во просториите на новата црква Св. Кирил и Методиј.  Со затворањето на Црковно народната кујна, лоцирана во месноста Дворови, близу галеријата на Штипска пруга, околу 50-тина лица останаа без еден оброк на ден. 

Тука не се хранеа само православни верници, доаѓаа и муслимани или сите кои имаа потреба од ручек. Никој не беше одбиен, секој кој ќе дојдеше добиваше оброк. По затворањето некои доаѓаа кои не разбрале дека е затворена, сега е пуста и празна – велат комшиите.

Клучот од просторијата која е во општинска сопственост, бил предаден во локалната власт.  Зградата е изградена со донација на МЦМС во зимото 2007-ата.

Од Повардарската Епархија на МПЦ, откако во два наврати ТрМр се обиде да дознае зошто кујната беше затворена, се  огласија со писмено соопштение.  Објаснуваат дека затворањето било од оправдани, економски моменти, кадровски причини, непремостливи пречки кои никако не можеле  да ги надминат.

По смртта на една од жените, а и по откажувањето на останатите кои волонтерски ни помагаа во Црковно - народната кујна во Велес, се соочивме со проблемот на недостаток на персонал кој ефикасно ќе го замени претходниот. Сите кандидати, со кои комунициравме, не беа спремни за бесплатна и волонтерска работа. Се соочивме со проблем при набавка на намирниците од кои секојдневно се подготвуваше храната. Во текот на сите овие десет години, колку што функционираше кујната, речиси никој не нé праша со какви проблеми се соочуваме при набаквата на храната, се разбира со многу ретки исклучоци, кои за волја на вистината само епизодно, во неколку наврати, при набавка на намирници за неколку денови, ја понудија и остварија својата помош, за што сме им бескрајно благодарни. Набавката на намирниците за храна во Црковно - народната кујна во Велес беше донирана од само неколку добри и хумани луѓе од Скопје и од Штип, а најповеќе беше финансирана од лични парични средства на Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Во финансискиот дел учествуваше и Повардарската епархија која редовно ги подмируваше комуналните трошоци, односно трошоците за вода, струја и трошоците за одржување на хигиена и чистота. Поради оправдана неможност да се носиме со ваквите секојдневни проблеми и трошоци, решивме да ја затвориме Црковно - народната кујна во Велес, надевајќи се притоа дека во догледна иднина, доколку за тоа се створат соодветни услови, ќе можеме повторно да ја активираме и да ја ставиме во функција на потребите на нашите сограѓани, без разлика на нивната верска или етничка припадност. Му благодариме на Бога што имавме таква неповторлива можност во овие десет години да ги помогнеме нашите несреќни браќа, сестри и комшии, при тоа никого не прашувајќи кој е и што е – пишува во соопштението од Кабинетот на   Владиката Агатангел.

ТрМр дознава дека секој месец околу 30 илјади денари Епархијата плаќала  за вода струја, трошоци кои ја оптоварувале работата. И пари кои наместо да  се трошат за храна, оделе за плаќање сметки.  Како можно решение, оваа кујна да продолжи да работи е рецептот за социјалците кои беа ослободени од плаќање вода, ѓубрарина, гробарина  од страна на  Советот на Општина Велес.

Истото може да одлучи да ги  плаќа сметките за вода и стурија на црковно народната кујна. Така повторно 50-тина лица ќе добијат бесплатен оброк  на ден.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »