речник контакт

Седум години прокиснува кровот од Спомен Костурницата

Седум години ништо не е преземено за санација на кровот, кој се заканува да го уништи овој споменик на историјата

Петар Печков

 И покрај повеќето обраќања  изминатите години до Министерството за култура и Општина Велес од страна на Народниот музеј и Сојузот на Борците, ништо не е преземено за санација на кровот на Спомен костурницата. Тој прокиснува седум години а оштетувањата се видливи на кровот од споменикот.  Ваквата состојба може да го оштети најголемиот мозаик  во земјава, распослан на 220 метри квадратни дело на Петар Мазев.

Спомен Костурницата има историско и културно значење и не треба да биде запоставен. По една градежна интервенција од пред  неколку години, почна повторно да прокиснува, очигледно дека таа не била доволна да се заштити споменикот. Бидејќи капиталните инвестиции се под Министерството за култура, потребно е да се преземат градежни мерки за да се заштити од натамошно руинирање. Голема штета ќе биде со сите свои вредности Костурницата да биде оставена така –  вели  градоначалникот на Велес Горан Петров.

Таа е и во темнина, бидејќи крадци во  2010-тата година ја однеле инсталацијата. Поради ваквата состојба во предворјето на објектот се случи и силување на девојка. Заради превентива, откако неколку пати беа крадени бакарните плочи со имињата на загинатите борци од велешко во НОБ и нивното пронаоѓање, тие сега се чуваат во депо.

Кровот прокиснува седма години. Добро е што засега нема проблеми со мозаикот. Тој е непроценливо богатство. Имаме аплицирано до надлежното министерство за средства, за добивање средства со кои би купиле камери за видео снимање на просторот. Со тоа сметаме дека ќе нема повеќе кражби и напади на овој споменик- вели Марјан Клифов од Народниот музеј во Велес. 

Спомен костурницата беше санирана 2003-тата година. Инвеститор  на работите со околу 100.000 евра  беше Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а изведувач  Градежниот институт од Скопје. Но не цела година по тоа, кровот  повторно прокисна, иако гаранцијата на изведувачките работи била две години,  изведувачот по реакциите од Музејот не дошол да интервенира.

Во Спомен-костурницата во Велес пред неколку години имаше поголеми интервенции, а лани е направен и детален увид врз чија основа ќе се подготви проект за заштита - велат од Министерството. Во внатрешноста од Спомен костурницата е мозаикот  на Мазев кој претставува една композиција од 5 слики преку кои авторот ја прикажува македонската епопеја од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни па се до НОБ. Во специјален простор во Костурницата  се чуваат и посмртните останки на 100-ната паднатите борци од НОБ, меѓу нив и на поетот и револуционер Кочо Рацин. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »