речник контакт

Семејното насилство во Велешко во пораст, лани во кругот на фамилијата едно убиство и два обиди за убиство

Од 2020,2021 и првите шест месеци годинава, од 121 пријава за семејно насилство, 98 биле од жени и 23 од мажи. Во однос на возраста осум биле деца до 18 години

Петар Печков

Од податоците на надлежните институции во Велес, евидентно е дека семејното насилство во велешко континуирано  се зголемува а бројот на жртви на семејно насилство  расте. 

Во анализата на Организацијата на жени од Велес,  за 30 месеци наназад, 2020, 2021 и шест од оваа година,  според Центарот за социјални работи Велес (МЦСР),  имало 121 пријава за семејно насилство.  Полицијата пак соопштила дека се случило едно убиство при семејно насилство и два обида за убиство.   

„Факт е дека и покрај тоа што свесноста на жртвите е зголемена и се повеќе се охрабруваат да пријават  семејно насилство и побараат соодветна  стручна помош, помошта која можат да ја добијат од надлежните институциите ограничена , најмногу поради недоволните ресурси со кои располагаат“ - вели Лидија Пљакова, координатор на проектот.

Од добиените податоци на  МЦСР, за 30 месеци, од 121 пријава  за семејно насилство, 98 биле од жени и 23 од мажи. Во однос на возраста  осум биле деца до 18 години а сите други над таа возрасна група. По националност 89 случаи биле пријавени од Македонци, 15 од Роми,9 од Албанци и 8 од Бошњаци. 

Од податоците на СВР Велес во 2021 има едно убиство сторно при семејно насилство , два обида за убиство истата година и за 30 месеци има вкупно 7 тешки телесни повреди здобиени во вакви случаи.
Организацијата за жени од Велес има канцеларија , сервис  за психосоцијална поддршка   каде жртвите на семејно насилство може да побараат стручна помош. Таму има ангажирано психолог и правник -адвокат.   

„Состојбата со семејното насилство во општината е алармантна.  Жртвите конечно се охрабрени и барат правна помош. Во нашиот сервис се обраќаат жени и деца како секундарни жртви. Во однос на правната помош тоа се  кривични постапки, за поднесување кривични пријави за семејно насилство, за неплаќање издршка на малолетно дете, како и  за бракоразводни парници. Има бројни случаи кога жртвите почнале кривична постапка против сторителот, но поради страв или некоја друга причина се повлекуваат. Работиме да им дадеме емоционална поддршка на жртвите, да истраат во нивното барање правда “ - рече  адвокат Билјана Ангелова Смилева. 

Овој сервис работи со жените од Велес но и соседните општини Градско, Лозово и Чашка.  

Во Велес има шелтер центар а жртви од семејно насилство, кој е на тајна локација .Во него се сместуваат жртви не само од Велес туку и од Кавадарци, Неготино. Од Организацијата на жени реагираат дека според бројот на жители во регионот и стандардите, тој е премал.

Од анализата за семејното насилство во велешко, Организацијата на жени констатира дека има Советувалиште за жртви на семејно насилство, кое работи во рамките на Центарот за социјални работи, но истото има  ограничени просторни и човечки ресурси.

Имаат  забелешка дека во Велес но и во рамките на Вардарскиот регион нема кризен центар за жртви од семејно насилство и силување.  

Општина Велс во рамките на нејзината програма за помош на жртвите на семејно насилство  во 2020 исплатила 50 илјади денари парична помош на 20 лица, лани  48 илјади денари за 8 лица а годинава за половина година немала испатено ниту денар, иако имало обезбедено 50 илјади денари. Анализата е изработена и финансирана од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“ од Шведска.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »