речник контакт

Сефте човек побара азил поради климатските промени

Државјанин на островската држава Кирибати тврди дека неговата татковина исчезнува под надоаѓање на вода на Тихиот Океан

Петар Печков

Државјанин на островската држава Кирибати, Иоан Теитиота, побарал азил во Нов Зеланд, наведувајќи ги како причина климатските промени што се закануваат да ја уништат неговата татковина. Ова е првиот човек на светот кој глобалното затоплување го искористил за азил.

Поранешните острови Гилберт, денес познати како Кирибати, е архипелаг во Пацификот, што се простира на дури 4.000 километри, од исток кон запад, т.е. 2.000 километри од север кон југ и тоа преку екваторската линија. Кирибати станаа независни од Велика Британија дури во 1979 година, а во 1995 година тамошната влада одлучила да го обедини архипелагот во иста временска зона, со оглед на тоа што датумската граница поминува на средина на Кирибати, па така се случувало на едниот остров да биде среда, а на другиот четврток. Сега, целите Кирибати се на источната страна на датумската граница, па можат да се пофалат дека се прва држава во светот што влезе во новиот милениум.

Оваа интересна, но и сиромашна држава економски најмногу зависи од извозот на кокосови ореви, што масовно ги произведуваат, што значи дека стопанскиот пораст им зависи од побарувачката на кокос на светскиот пазар. Сепак, најголем проблем на Кирибати е Пацификот, т.е. зголемувањето на неговото ниво поради глобалното затоплување, што се заканува дека едноставно ќе ја потопи целата островска држава.

Иоан Теитиота тврди дека Кирибати исчезнуваат под надоаѓање на вода на Тихиот Океан, чие ниво од ден на ден сè повеќе се покачува. Во своето барање изјавил дека неговото семејство, вклучувајќи ги и трите деца родени во Нов Зеланд, би страдале ако се вратат на Кирибати, на кои нема иднина. Новозеландската иселеничка служба го одби ова барање за азил, но сега тамошниот суд се одлучил да ја прифати тужбата на Теитиота, по истата основа.

Владата на Кирибати договорила купување на земја со Фиџи, каде што планира да го пресели народот од островот што постепено тоне под Пацификот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »