речник контакт

Сеќавања на велешки снимател на свадби

И невести и младоженци се онесвестуваат среде свадба.

Петар Печков

Благодарејќи на дружбата со камерата и фотоапаратот, Зоран Јордев научил многу за адетите, различни во секое место, и особено за табиетите на луѓето.

Свадбата и обичаите што се поврзани со овој настан се паметат цел живот и особено се важни за младенците, но и за нивните родители, роднини и пријатели. Често женачките и мажачките се полни со изненадувања и случки вредни за спомнување, вели велешанецот Зоран Јордев, кој веќе шеснаесет години работи како снимател во своето студио „Јорде“. Во досегашната работа снимил преку илјада свадби низ цела Македонија.

Благодарејќи на дружбата со камерата и фотоапаратот, тој научил многу за адетите, различни во секое место, и особено за табиетите на луѓето.

- Не паметам колку пати ми се случило невестата да се онесвести в црква, дали поради мирисот од темјанот, дали поради возбуда од настанот или, пак, поради глад и премореност. Најчесто невестите „паѓаат“ дури трае пеењето на свештеникот. Во еден таков случај, побараа вода за да ја освестат невестата, а тогаш врз неа заврши цел бокал вода и и\' ги расипа шминката, фризурата и фустанот. Невестата почна да се расправа со гостите и да плаче, па едвај ја смирија. Малку требаше да се одложи свадбата - вели Зоран.

Тој го памети и случајот кога младоженецот паднал во несвест во црква, а неговите блиски, знаејќи дека многу ја сака тарабуката, кога го освестувале му ја дале да почука и да се врати во живот. Но, тој не се откажувал од неа, па сватовите од црквата до ресторанот ги испратил со свирење на тарабуката.

Еднаш, пак, кај друг младоженец стигнале порано од најавеното и кога го побарале, им рекле дека се бања. Зоран очекувал дека зетот ќе се појави од бањата, но тој наместо од бања, дошол од Вардар во костим за капење, каде што имал желба да се искапе пред да се ожени.

На една свадба во Македонска Каменица зетот се изгорел при адетот да ја раскине кокошката.

За жал, кокошката била стара, па не се печела убаво, а времето минувало, па за да не задоцнат со свадбената церемонија на брзина ја извадиле кокошката од рерна. За тоа никој не му кажал на зетот, кој брзајќи да ја земе невестата, се изгорел, па цела свадба ја минал со изгореници и во завои, па ниту јадел ниту пиел.

- Особено интересно е кога се разменуваат бурми, а тоа во Македонија е секаде различно, па кога ќе се вмешаат свекрвата и бабата со своите барања, секогаш работите одат во погрешна насока. Секогаш почнува на шега, а се завршува со кавга. Но, сепак, најчесто женската страна попушта за да се знае во која куќа кој „тапан чука“- објаснува Јордев.

По една таква кавга гостите кои биле од Струмица ја напуштиле свадбата и сите десетина се качиле на камион, бидејќи претходниот ден дошле во Велес на пазар, ем да продадат нешто, ем подоцна да се провеселат.

Памети и кога според еден стар обичај кумот треба да оди на магаре до невестата. Така во Велес се случило од приградската населба Превалец кумот да го носат на магаре до градот, ама тој бил ептен „габаритен“, а магарето слабо и немоќно, па за да не цркне по пат, но и да не задоцнат, на пола пат магарето го оставиле и продолжиле со автомобил.

Интересно било и на една свадба во струмичко Старо Коњари, каде што по некое време снемало хартија на која гостите ги пишувале желбите, па кога завршила свадбата, музичарите добиле еден куп неплатени сметки за телефон, струја и вода.

Јордев со задоволство се сеќава и на настаните поврзани со велешкиот обичај еден од келнерите да игра со печено прасе, а кумот да остава пари на него. Така на една свадба, додека играл, келнерот се занел, паднал, прасето завршило на тапаните од музиката, а парите на земја. И наместо келнерот, нив ги собрале многуте деца што весело играле околу келнерот.

За крај Зоран ја остава приказната за негов колега кој фотографирал и добил неочекувана помош од попот при венчавката. Тој додека пеел дискретно известил: блицот не ти светнаааа...

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »