речник контакт

Ски центарот Кожуф отиде во стечај (фото)

Стечајот е отворен по барање на дел од поранешните вработени. Стечаен управник Богољуб Макревски. Друштвото има долг од 12,5 милиони евра

Петар Печков

АД ,,Ски центар Кожуф,,   отиде во стечај. Ова е одлука на Основниот суд во Велес а за стечаен управник е  именуван Богољуб Макревски.   Така една од поголемите гринфилд инвестиции во земјава, вредна 20 милиони евра, се затвори. Ски центарот  не работеше и досега поради лошата финансиско –материјалната  состојба и долг од  12,5 милиони евра.

Стечајот е  отворен по барање на 11 поранешни вработени.  Иако нивното барање е доставено на  17-ти март, во неколку наврати рочиштето за отворање на стечај се одлагаше, со цел да се  најде решение и излез од кризата.  

На рочиштето, предстечајниот управник Макревски на присутните предлагачи им ги образложи ситуациите кои може да се случат ако се отвори стечај или ако не се отвори, какви се нивните можности да си ги подмират побарувањата. 

Друштвото три години е со блокирана жиро сметка. Минатата година според завршната сметка должи 758 милиони денари. Но има и обврски кон директните вложувачи.  Така што правно се исполнети причинети за отворање стечај. Има инвеститор сака да влезе во друштвото со милион евра и да ја  деблокира сметката, па така парите кои ги бараат да им бидат исплатени. Одлуката е на барателите   – изјави Богољуб Макревски предстечаен управник во АД ,,Ски центар Кожуф,,  со седиште во Кавадарци.  

Откако го сослушаа дел од поранешните вработени,  решија да побараат отворање на стечај а стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска,   нивното барање го прифати.  Залудни беа напорите и укажувањата од извршниот директор на Ски центар ,,Кожуф,, да ги разубеди,  да  не се решат на ваков чекор.  

Нивните побарувања се околу 40 илјади евра или 0,3 од вкупните долгови.  Во почетокот  во 2011-та на вработените авансно им дававме  пари на рака, со очекување дека кризата ќе мине. Има големи компании на кои им  должиме, кои не` бараат друштвото да оди во стечај, оти веруваат дека ќе излеземе од кризата. Имаме две странски сериозни компании кои сакаат да влезат со висок влог. Предлагам да се почека. Треба овие лица да знаат дека целиот имот е под хипотека на Стопанска банка и ако отидеме во стечај, тие нема ништо да добијат. До  ваква неликвидна ситуација и пет години ски центарот да не работи, дојдовме затоа што не се изгради толку години регионалниот пристапен пат . Започна да се гради 2011-та. Имаме најава дека деновиве  ќе профункционира – Ангел Наков, изјави извршниот директор на АД ,,Ски центар Кожуф,, .  

Тој потсети дека само три години од отворањето 2007-ма до 2010 центарот работел, потоа бил празен.  Центарот се простира на 1500 – 1.700 метри надморска височина, веднаш на границата со Грција. Поседува повеќе ски патеки, најголемата жичара на Балканот, ресторани, машини за создавање и чистење снег, 700 бунгалови за гости.  

Планот на инвеститорите беше Кожуф да биде македонски одговор на бугарското зимско одморалиште Банско. Собранието ан доверители на кое ќе се разгледуваат побарувањата на доверителите е закажано за средината на јануари, следната година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »