речник контакт

Скопјанец осомничен дека за Турција непријавени превезувал пари и злато

Нелегално пренесувал 262 илјади долари 154 илјади евра и 12 кг злато, лицето е уапсено на Граничен премин Богородица

Петар Печков

Инспектори од мобилните тимови на Царинската управа на ГП Богородица при контрола на автобус открија и запленија 262.750 долари, 155.760 евра и 12 килограми злато и златен накит со проценета вредност од околу 600.000 евра.

„Поради постоење сомнеж, автобусот со турски регистарски ознаки управуван од македонски државјанин, кој се движел на редовна линија Скопје – Истанбул (Турција) при излез од земјава бил упатен на детална контрола на царинскиот терминал на ГП Богородица. При прегледот е откриен специјално изработен бункер во кој се пронајдени разновиден златен накит и златни плочки со неправилна форма, како и голема количина на девизи“- соопштија од Царинската управа.

Стоката со вредност од вкупно околу еден милион евра и автобусот се привремено задржани и предадени на Одделението за истраги во Царинската управа за понатамошна истрага.

Основното јавно обвинителство Гевгелија, постапувајќи по кривична пријава од Царинската управа, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Скопје за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, на 16 декември, избегнувајќи ја царинската контрола преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“, на излез од Република Северна Македонија, во автобус со турски регистарски ознаки, пренел непријавена стока од големи размери, во вкупен износ од 23.286.120 денари. При детален преглед на автобусот, на левата страна од моторот во специјално направен бункер, биле пронајдени 11.960 грама 14-каратен златен накит спакуван во 23 пакувања, кој осомничениот не го пријавил на царинските работници, како и девизни средства – 262.500 американски долари и 154.000 евра сите во разни апоени спакувани во 16 пакувања“- соопштија од ОЈО Гевгелија.

Бидејќи јавниот обвинител  оценил дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и да го повтори кривичното дело, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија доставил  предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и му определи притворска мерка во траење од 30 дена.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »