речник контакт

Скопјанец уапсен со 51 кг марихуана, која од Албанија требало да ја пренесе во Турција

Лицето било уапсено на наплатна рампа Отовица, обвинителство бара притвор

Петар Печков

Вторникот попладне полицијата уапсила лице кое пренесувало 50 кг марихуана. Апсењето било на наплатна рампа Отовица а осомничениот бил лице со криминално досие. Од МВР соопштија дека бил пресечен меѓународен транспорт на дрога.

„На 1 ноември полициски службеници од Отсекот за дрога при СВР Велес околу 15.30 часот на наплатна станица Отовица, во правец на Скопје, запреле возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(46) од Скопје. Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на Граничен премин Блаце, каде од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче, извршен е детален преглед и во возилото е откриен специјално направен простор- бункер во подот од возилото, вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана. Лицето за паричен надомест од 2.500 евра требало со неговото возило да ја транспортира дрогата од Република Албанија, преку територијата на нашата земја, до Република Турција како крајна дестинација“ соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.   
 
Основното јавно обвинителство во Велес донело Наредба за спроведување на истражна постапка против Д.Ј.  од Скопје на возраст од 46 години за кривично дело –  Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Осомничениот со патнички автомобил неовластено пренесувал наркотична дрога – марихуана во количина од 50.883,3 грама од Република Албанија преку Република Северна Македонија кон Република Турција.

„На 26 октомври тој отишол во Корча, Република Албанија каде го оставил автомобилот на лица со кои претходно бил договорен и кои во автомобилот сместиле вкупно 67 пакувања марихуана во задниот багажен простор на местото за резервна гума, во резервоарот и во специјално изработени простори под седиштата. Со вака спакуваната и сместена наркотична дрога, на 1 ноември осомничениот со автомобилот преку граничниот премин Стење влегол во земјава и се движел кон Скопје со намера од таму да замине кон Република Турција. На наплатна станица Отовица на делницата Велес- Скопје бил сопрен од овластени полициски службеници и при извршен претрес на автомобилот, наркотичната дрога е пронајдена и одземена“ - соопштија од ОЈО Велес.

Бидејќи  осомничениот  бил  повеќекратен извршител на кривични дела, а издржувал и долгогодишна затворска казна во Република Албанија, Основното јавно обвинителство до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес доставил предлог за определување мерка притвор.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »