речник контакт

Слободан Димовски успеа да го искачи Матерхорн, врв на Алпите, за кој е потребно многу храброст, трпеливост

Слободан до врвовите се искачува алпинистички, со јажиња, ковање клинци, со раце, по стрмните литици на планината

Петар Печков

Младиот велешанец Слободан Димовски Бобо, неодамна го освои врвот Матерхорн висок 4.478м. Се наоѓа на Алпите на границата помеѓу Швајцарија и Италија. Колкав е предизвикот тој да се освои зборуваат бројките,  искачувајќи да го освојат, загинале повеќе од 500 алпинисти, со што тој е еден од најопасните врвови во Европа. Врвот го освојувал со Александар Граховац од Нови Сад- Србија. Слободан до врвовите се искачува алпинистички, со јажиња, ковање клинци, со раце, по стрмните литици на планината.  

„Го освојувавме врвот преку Лавовскиот гребен, од Италијанската страна кој е доста стрмен некаде и вертикален и потежок  од швајцарската патека. Престојувавме неколку дена, при што еден ден заради аклиматизација се искачивме до височина од 3.800 метри па се симнавме на две илјади до селото Червенија. Имавме лоши временски услови, магла при врвот, долу дожд, горе снег. И мештаните не ни препорачуваа да се искачуваме. Во инфо центарот,вработените ни сугерираа дека планинарските  домови не работат, забрането е искачување, премногу е опасно и да се откажеме.  Ние имавме надеж. Саботата на 2 септември сретнавме двајца Италијанци кои исто така сакаа да се искачат. Ни дојде душата дека има и други заинтересирани, не сме сами“ - рече Димовски, кој е член на   Алпинистички клуб „Велесин“.

 На 3 септември, се искачиле  на   бивак Карел на 3.800м.н.в  височина. Бивак е мала соба со неколку кревети, нешто како одморалиште за алпинистите кои се искачуваат на врв. Нешто како засолниште од планински бури, кое во време на невреме живот значи, не е планинарски дом. На изненадување таму  наишле  на 18 алпинисти.

„Освен нас и Италијанците имаше од алпинисти од Еквадор, Шпанија, Германија. Заеднички правевме планови како да се искачиме на Матерхорн, со оглед на лошите услови и свежо паднатиот снег.  Секој споделуваше свои искуства, така Германците за неколку дена  во трет обид се искачуваа на врвот“ - додаде Бобо.

На 4 септември ноќта  во 3 часот  започнале со  искачување. Први тргнале Италијанците, па тие, потоа останатите. Искачувањето било голем предизвик со многу тешкотии.

„Многу скитавме, не можевме да ја погодиме насоката, беше мошне тешко, тргни па врати се. Затоа бевме многу спори, па сите не престигнаа.   Околу 13ч. стигнавме до врвот Биг Тиндл на  четири илјади м.н.в.  Потоа следеа последните 400 метри до Матерхорн, кои се чиста вертикала. Партнерот Граховац  се поколеба, откако останатите почна да се враќаат назад, сакаше и тој. Рекоа дека не се чувствуваат безбедни и се враќаат. Го замолив Алекасндар ако сака да пробаме уште еднаш и тргнавме. Со голем напор и тешкотии по два и пол часа се искачивме во 15,30ч. на Матерхорн. Тоа им успеа и на двајцата Италијанци“ - кажа Слободан.

 Спуштањето од врвот било од Швајцарска страна, бидејќи таму првото засолнеше бивак било на 4 илјади метри н.в.. Таму биле точно на полноќ. Целото искачување траело 20 часа.

„Искачувањето на вакви врвови носи голем адреналин. Друга е возбудата кога се искачува врв  кој не може секој да го освои, кога е потребно многу трпеливост, вештини, истрајност.  Едно е да земеш ранец на грб, штеки во раце и да планинариш а друго да се искачуваш по предел без патека, по литици, каде опасност се заканува секој момент, со ветер, бура, снег“ - заврши Димовски кој е на возраст од 23 години.    

Тој со 18 години го освои врвот Глосглокнер со 3.798 м. највисок во Австрија, но од тешката страна , преку гребенот „Штрудл“.

фото Слободан Димовски

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »