речник контакт

Снабдувачот со електрична енергија за улично осветлување, еднострано го раскинал договорот со Општина Велес

Раскинувањето на договорот ќе ја чини локалната власт 10 милиони денари за два месеци, додека за декември ќе се плати сметката со Буџетот до година

Петар Печков

Буџетот на Општина Велес го удри струен удар од висока волтажа. Откако досегашниот снабдувач на електрична енергија на градот се откажал, Општина Велес ќе мора да плати три пати повисока цена за фактури, за  потрошената електрична енергија за улично осветлување. Ова беше објавено на 3-тата седница на Советот, на која се бараше начин да се обезбедат средства од Буџетот за да се платат  неколку пати повисоки сметки.   

„Ова е ново затекната  состојба која силно ја потресе општината. Се работи за сериозно зголемување на цената на електричната енергија, која Општина Велес ја плаќа за улично осветлување.  Таа скокна  од 1,8 милиони на 5,6 милиони за еден месец.  Ова е сериозен удар врз Буџетот на Општина Велес и е наследена состојба. Покренавме и судска постапка, против фирмата која еднострано ја прекина соработката.  Побарано е од Бирото за јавни набавки да преговараме без објавување на оглас, одбиени сме.  Распишан е нов оглас за снабдувач на Општина Велес со електрична енергија.   Затекнати сме и се наоѓаме во непријатна состојба“ - кажа градоначалникот Марко Колев.

За надминување на состојбата како итна точка на дневен ред беше побарано да се обезбедат средства од други ставки од општинскиот Буџет,за да не се случи фактурата  за октомври  да не се плати  и градот, неговите улици да останат во темнина.  Известувањето дека снабдувачот го раскинува договорот е со датум од 1-ви октомври 2021-ва година.

„Снабдувачот со електрична енергија „У-пауер“ еднострано, два месеци  порано  од завршувањето го прекина договорот. Затоа за улично  осветлување  моравме да се снабдуваме од  „ЕВН хоум“. Тоа придонесе за неколку кратно повисоки цени. Така наместо 1,8 милиони денари, во октомври добивме фактура од 5,6 милиони. Затоа ни се потребни  дополнителни средства за да извршиме плаќање за два месеци  и тоа од ставките за уредување на градежно земјиште. Тие десет милиони ќе бидат  префрлени за оваа намена“ - кажа Снежана Дервишова  -советник за изградба и одржување на комунална инфраструктура.

Градоначалникот Колев беше конкретен, со  префрлањето на овие 10 милиони денариод една на друга ставка, изгубена е  реконструкција на еден булевар или поголем  инфраструктурен проект во градот.

Од опозиционата на локално ниво СДСМ, гласаа воздржано по оваа точка.  Марјанчо Николов  поранешен директор на ЕЛЕМ, сега член на Советот,  смета дека   реакциите по предметот, а се случил пред да дојде сегашниот градоначалник, биле млаки  и недоволно аргументирани.  

„Знам дека Вие не сте биле во можност да реагирате, но некој што реагирал од општината, требало во Бирото за јавни набавки да им укаже поради непредвидени околности, на последиците кои се штетни и да бара со преговарање да се изврши набавка,  за што постои законска можност. Мислам дека така ќе се заштеделе најмалку три милиони денари“ -  кажа Николов.  

Во случајот активирана била банкарска гаранција, изнесува 500 илјади денари и е симболична,  во однос на штетата  од 10 милиони денари, која ја претрпе општинскиот Буџет. Средствата биле  легнати на општинскиот Буџет. Веќе била поднесена тужба и започнат судски спор.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »