Петар Печков
Објавено: вторник, 18 февруари 2025
Земјоделците иако засега во мал број, гледаат спас за нивните проблеми, преку здружувањето во земјоделските задруги. Велат дека не е исто дали како поединец ќе набавуваат репроматеријали, вештачко ѓубриво, семе или ќа настапуваат заеднички, организирано.
Земјоделците во земјоделските задруги очекуваат дека преку нив ќе имат можност за подобар пласман на нивниот род, директно до маркетите, со што корист ќе имаат потошувачите преку пониската цена. Дилемата е ако во поранешната држава постоеја задруги, кои потоа се растурија, сега повторно е процес на окрупнување на земјоделците.
„Познато е дека сме мали, ситни земјоделци. Потоа климатските промени силно влијаат врз земјоделието. Тоа здружување ни е предност во разговорите со одредени купувачи, маркети, така полесно доаѓаме до пласман. Со мали колични не сме интересни. Имаме договорено средба со најголемите маркети, за директно нашите производи ги пласираме кај нив, без посредници. Бенефитот ќе биде и за производителите, за нас, но и за купувачите, ќе се избегнат еден или два чекори во прекупците, маржите ќе се намалат а со тоа и цените“ – кажа Менде Трајковски претседател на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.
Преку земјоделските задруги членовите оптимистички најавуваат дека ќе го вратат животот во селата, ќе се модернизира одгледувањето на стоката и зголеми родот и приносот.
„Добивме проект од ЕУ за машинско молзење на овците, кај автохтоната овчеполска праменка. Добивме и проект за дигитален менаџмент на овчарство, најмодерна технологија, со кој преку џи пи ес чипови, ќе се одбележуваат лидери на овците кои го водат стадото. Така ќе го пратиме нашето стадо каде е, управување на пасиштата, ако мине линија ќе свири значи влегла во туѓ имот. Така ќе го спасиме македонсото овчарство, ќе го унапредиме, модернизираме, ќе го вратиме животот во селата. Тоа е нашата визија на модерен овчар. Целосна модернизација на молзењето. Да создадеме одржлив систем со технологија, иновации, да ги задржиме младите со новините од времето во кое живееме, да останат тука да живеат. За 33 години загубивме два милиони овци, извезувавме милион јагниња сега се симнавме на 200.000“ – кажа Моме Младеновски претседател на земјоделска задруга Еко Овчеполка.
Во Македонија има околу 60 земјоделски задруги, некои се повеќе активни, други помалку. Нив најмногу ги има, најборјни се во струмичко и ресенско. Со новиот закон услов за формирање е минимум пет земјоделци.
„Здружувањето за нас јаболкарите значи подобра понуда за нашиот род по повисока цена. Организирано наводнување за нас е посебно значајно, да се знае ден, час, точен календар за една сезона, да не водиме грижа во тој дел како корисници, потоа набавка на материјали за заштита и ѓубрива, пласман на родот“ – рече Љубе Пампулевски од земјоделска задруга Крани.
Изминатиот период ЕУ финансиски со 260 илјади евра помгона осум земјоделски задруги во Македонија во нивната работа.. Од Министерството за земјоделие најавија дека работат на промена на законите, по што државата ќе ја покрива платата на членовите на земјоделските задруги до 60 отсто а набавката на опрема во задругаата ќе се субвенционира од државата до 90 отсто.
Македонската асоцијација на земјоделски задруги на оваа тема одржа трибина на хотел Романтик, за финансиска поддршка на земјоделските задруги во Македонија. На неа присуствуаа министерот Цветан Трипуновски и евро амбасадорот Михалис Рокас
Tweet |