речник контакт

Со фото апарат велешанец ги освојуваше Хималаите

Дејан Ристовски професионален фотограф, за неговото неповторливо патешествие по Непал и Хималаите. Тој ви подарува единствена фото галерија од овие предели и луѓето кои живеат таму. Зошто патувањето е како во филмот на Индијна Џонс?

Петар Печков

Велешанецот Дејан Ристовски  ( 38 год) професионален фотограф, со апарат са сликање ги освојуваше Хималаите. Тој две седмици  престојуваше во Непал  за да го почувствува животот и природата на овој дел од планетата, каде  владеат други природни закони, други навики, други размислувања. Таму   каде  се е различно,  недопрено, единствено, неповторливо  заминал не да го освојува врвовите, туку да го овековечи времето, луѓето и природата.

Заминав за да видам и почувствувам нешто што  го нема на друго место.  Од  цивилизација отидовме во   природа  и предели кои  восхитуваат, освојуваат. Многу места видовме, многу луѓе сретнавме. Сега слегнуваат впечатоците и тие се посилни. Населението, луѓето ме воодушевија. Тие се посебни, поразлични, сиромашни, измачени физички, носат огромни товари, но се посреќни, подобри, позитивни, насмени. Но во ниту еден момент не се почувствував несигурен. Има доста туристи, но не можат сите  од  тамошното население да заработат, работат за малку пари – вели Ристовски. 

Во Непал на Хималаите заминал по понуда од колега пријател од Србија  која веднаш ја прифатил, без многу размислување. Во екипата биле шестмина, кој фотографи, кој сниматели, а само тој бил од Македонија. Заминал не заради планинарење, туку  нешто од внатре силно го привлекувало, му велело да оди таму. Тоа била некоја негова силна животна желба.

  Бев во Непал, започнавме од Катманду, заминавме од Лукла, од таму пеш десет дена ги шетавме, фотографиравме, овековечуваме моментите на недопрената човекова природа Хималаите. Од 2.400 метри  се искачивме  до 5.545. Деновите и не ги броев, бидејќи минаа толку интензивно, не знам време, не знам места, се беше како во сон, како во бајка – објаснува Дејан.   Со фотографија се бави краток период  од шест години, иако претходно  никогаш не фотографирал. Започнало случајно, го фотографира синот со домашен апарат, потоа пораснало во пасија па сега во професија. Се заљубил во фотографијата, таа  му е дел од секојдневието а сега и работна обврска. Преку интернет ги продава неговите  фотографии. На Хималаите има направено над пет илјади слики. Апаратот му бил најголем товар, во ранецот заедно со  батериите, објективите.  Така во планинарскиот ранец најмногу имало техника.  Незаборавни биле моментите кои таму се случувале секоја секунда, секој момент.

Чувство  е единствено, восхитувачко кога сонцето изгрева од предели кои се високо над тебе, недопрени, снежни, камени, блиску а далеку. Посебна енергија имаат тие утрински часови, кога изгрева сонцето, тоа е неповторливо,  Таму на Хималаите е посебна и природата и луѓето. Во пониските делови има расцветено рододендрони а веќе на 4 илјади нема никаква вегетација, само камен. Спиевме во Планинарски домови, каде има лоши услови за престој. Имавме проблем со спиењето, оти нема кислород, затоа повеќе сакавме да се движиме отколку да спиеме. Повторно би отишол таму. Посебно градот Катманду таму   има илјадници приказни кои би ги раскажал со апаратот а да  не се повторувам – вели Дејан.

Минатата година  престојувал на Филипините, таму исто така минал одреден период и  било одлично.  Има доста материјал. И таму луѓето биле прекрасни, природата единствена. И од таму има многу  интересни фотографии, кој ги создава со неговиот апарат марка ,,канон,,.

Фотографиите ги  продавам преку специјализиран сајт, каде ги нудам, се прегледуваат дали ги исполнуваат одредени високи технички услови по што се поставуваат и се купуваат. Оваа работа ме исполнува,  може да се живее, иако не е секојдневна. Ако се работи со љубов, посветеност, може да се живее – рече Ристовски.

Патувањето низ Непал како во филмот за Индијана Џонс
 Патувањето до Лукла било посебно возбудливо, како од филмовите на Индијана Џонс, се потсетува Дејан.

Летавме со авион  кој беше со пропелери, старински,  за 15 патника, седевме ги гледавме пилотите пред нас како управуваат. Пистата е долга 500-600 метри, започнува со провалија завршува со ѕид.  И е на угорнина, за да полесно запре а кога тргнува е удолнина побргу да полета. Признавам дека не беше сеедно и овој аеродром е прогласен за меѓу најопасните во светот. Но и покрај тоа имаше многу авиони таму, се разбира мали  по големина и многу туристи кои беа среќни кога слетуваа – вели Ристовски.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »