речник контакт

Советниците едногласни ,,НЕ,, за топилницата

Расте отпорот на велешани против евентуалниот рестарт на загадувачот

Петар Печков

Советот на општина Велес, доцна вечерва на вонредна седница, донесе одлука дека е против рестартот на топилницата за олово и цинк, на местото каде сега се наоѓа. Оваа и останатите седум одлуки, кои се однесуваат за здравата животна средина, беа донесени едногласно, поддржани од сите 23 советници, од сите партии, застапени во велешкиот Совет.

Кога е во прашање здравјето на сегашните и идните поколенија, сите советници имавме исто мислење.  Преку овие заклучоци испраќаме јасна порака до сопствениците дека тие не се добредојдени во Велес. Истите заклучоци ќе ги препратиме до надлежните министерства заради нивна реализација – изјави Славчо Чадиев претседавач на Советот на општина Велес.

Меѓу другото овој општински орган најави започнување на постапка за измена и дополнување на Генералниот Урбанистички план на Велес, на подрачјето каде се лоцирани зградите и опремата на топилницата.

Со оваа промена на ГУП ќе нема можност на тоа земјиште, да се добие градежна дозвола  за изградба на ваков капацитет. Тоа ќе оневозможи градење на вакви инсталации на тој простор. Важно е постапката да започне што поскоро,за да може во оптимален рок, да се случи промената на ГУП а со тоа ќе биде оневозможено законски, топилницата тука да работи- изјави Горан Петров градоначалник на Велес.

Освен ова, Советот во иднина нема да даде локација во општината,  за времено складирање и депонирање на отпад од физичка и хемиска преработка на суровини од обоени метали. Советот  на општина Велес побара од надлежните министерства да се забрани превоз на одделни видови материјали, кои како отпад од физичка и хемиска преработка на минерални суровини на обоени метали, се создаваат на територијата на општина Велес.

Претходно двајцата советници од Велес, од власта Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и од опозицијата Марјанчо Николов од СДСМ, заеднички го искажаа нивниот став, дека тие се против рестартот на топилницата на постојната локација. Велешките ,,зелени,, претходно обезбедија и поддршка во нивната борба против овој индустриски капаците и од МПЦ и од ИВЗ.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »