речник контакт

Советот, со мнозинство гласови, донесе нови цени за собирање на отпадот

Кој што кажа на вчерашната маратонска по времетраење седница

Петар Печков

Советот на Општина Велес на вчерашната седница изгласа нови цени за  собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.

За затворен простор   домаќинство, физичките лица  ќе плаќаат  3 ден/м2 наместо 1,5 ден/м2. За дворно место од дом, физичките лица ќе плаќаат 0,40 ден/ м2 наместо  0,20. Правните лица за затворен простор ќе плаќаат 8,75 ден/м2 наместо 3,5 ден/м2 додека за дворно место правните лица ќе плаќаат 1,25 ден/м2 наместо 0,5 ден/м2.

Доколку правните лица  кои во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад, тие ќе се мерат во метри кубни.

Овие цени ќе важат по излегување во Службен гласник на Општина Велес. Оправданоста на новите цени ја образложи градоначалникот Марко Колев.

„Ова е најтешката одлука во мојот досегашен мандат. УО на ЈКП Дервен неколку пати бараше повисока цена и на оваа услуга,  бидејќи  раководството  не може да влијае на процеси  што се случуваат во државата и надвор од неа.  Одлука која ќе се одрази на буџетот на моите сограѓани и не е популарна. Зголемени се  цени на енергијата, струја, потоа на горивото, кои  влегуваат во цената на услугите. Ако во некоја блиска иднина, тие цени се вратат, одговорно кажувам, дека и овие цени за отпадот ќе бидат вратени“ - кажа Колев.   


Советничката Пандорка Прличкова реагираше за новите цени на собирањето транспорт на сметот. Таа е со став дека ова сериозно ќе ја отежне работата на правните субјекти во градот, на фирмите.

„Со новата одлука се враќа старата од 2018 година, се однесува на правните субјекти. Тоа се сите училишта, болници, градинките,  фирмите. Наместо да се пресметува цената по   метар кубен, таа е по  површина од метар квадратен.  Ги разбирам, но не го поддржувам раководството на ЈКП Дервен, со оваа одлука за ѓубрарината, тоа е за  претпријатието да работи добро. Ние како советници сме во интерес на граѓаните.  Некоја фирма ако плаќала  5-10 илјади за комунален отпад, ќе им дојде сметка од 700 или илјада евра. За да компензираат за овој трошок, тие ќе отпуштат по еден вработен најмалку.  Каков проблем ќе се создаде кај директорите на школите, кои ќе треба да ја плаќаат оваа зголемена сметка а имаа исти дотации.  Тие ќе кратат на нешто друго. Со оваа одлука ќе се реши проблемот на ЈКП Дервен,  но ќе се отворат други проблеми. Дополнително оптоваруваме фирми и училишта“ - кажа Прличкова.

„Во услови на 20 отсто инфлација на државно ниво, цените на комуналните услуги во Велес,  се  зголемуваат за 100 отсто. Со ова се обидуваат да се намали милионскиот долг на ЈКП Дервен“ -рече Игор Смилев советник од Левица.

Советничката група на СДСМ и коалиција побараа оваа точка да биде симната  од дневен ред, бидејќи  не била во согласност  со променетиот Закон за управување со отпад од   септември 202 година. Со ова промена ниту Советот ниту ЈКП Дерен можеле да носат ваква одлука, без согласност од Регулаторна комисија.

„Регулаторна комисија за комунален отпад не постои. Ниту ова 2023 година  ќе се формира. Најавите се дека ќе започне со работа од 2025. Дури тогаш ниту советниците ќе имате ваква обврска, ниту градоначалникот“- изјави директорот Горан Наунчев.   

„Рационализирајте ги трошоците, намалете ги загубите.  Како советничка група ваква одлука нема да поддржиме, бидејќи е голем товар за граѓаните.  Создадете услови Велес да биде почист, да биде поубав. Не удирајте по џебот на народот, барајте грантови“ - кажа Ќирил Гајдов, координатор на советничката група на СДСМ.  

Советниците од Левица имаа 30  амандмани со кои се обидуваа, неколку часа да ги убедат колегите  да не се покачи цената на отпадот, но истите не минаа. Одлуката беше изгласана со поддршка на советниците од коалицијата на ВМРО-ДМПНЕ  поддржана од советникот од ДУИ.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »