речник контакт

Советот на Општина Велес започна постапка за задолжување кај Светска Банка за изградба на покриен градски пазар

Заемот е во висина од 46 милиони денари со отплата на 12 години, три години грејс период и грант од 25 отсто

Петар Печков

Советот на Општина Велес  донесе  нацрт одлука со која  Општина Велес треба да  се задолжи  кај Светска банка за заем во висина од  46 милиони денари. Со ова е отпочината  постапката за долгорочното задолжување, која ќе продолжи  со  јавна расправа за добивање на мислења и предлози од страна на јавноста.

По нејзиното  спроведувањето, предлог Одлуката со јасни и утврдени рокови, услови, годините на задолжување, вредноста и наслов на проектот ќе биде предложена до Советот на Општина Велес за нејзино донесување.

Рок на отплата на заемот  е  до 12 години со вклучен грејс период од 3 години,   дел од него  е грант во висина од 25 отсто. Каматна стапка која е еднаква на каматата што ја плаќа Република Северна Македонија кон Светска банка. Општина Велес е целосно финансиски консолидирана и според истражувањата има фискален капацитет за задолжување во висина од 900 илјади до еден милион евра.  Редовно ги отплатуваме ратите  од претходниот кредит со кој е реконструирано уличното осветлување и донесена вода на езеро Младост. Од продажбата на дуќаните во покриениот Градски пазар, средствата ќе ги користиме за други капитални инвестиции.  Сметам дека проектот ќе го врати животот на левиот брег на Велес - кажа градоначалникот Аце Коцевски.   

Одлуката беше донесена со мнозинство гласови. Единствена која се јави за збор беше   Пандорка Прличкова, координатор на советничката група на владејачка коалиција на СДСМ.

Реализацијата на проектот покриен пазар ќе значи крај  на работа во неадекватни услови за пазарџиите. Ова е крупен проект кој беше ветуван и претходно, но тогашната власт немаше капацитет да го оствари ветувањето - рече  Прличкова.

Коцевски најави старт на изградбата во февруари 2021 година, веднаш по завршувањето на тендерската постапка за избор на фирма –изведувач а градежната дозвола веќе била издадена. Градежната парцела опфаќа вкупно 4172 м2 од кои 2219 м2 се површина наменета за продажба на производи.

Новиот покриен пазар опфаќа дуќани, дел под отворена настрешница, паркинг простор, санитарии и магацински простор. Во првата фаза ќе се гради долниот дел од пазарот за да се овозможи негово непречено функционирање во текот на изградбата. Во втората ќе се продолжи со изградба на горниот дел од пазарот.

Претходно за оваа цел,изградба на покриен Градски пазар во Велес,  Владата пред една година издвои 40 милиони денари, додека 15 милиони денари со кои ќе се заокружи финансиската конструкција се планира да се обезбедат  преку Бирото за регионален развој  со помош на  Вардарски Плански регион. Постапката продолжува во периодот што следи,  со јавна расправа.  Конечно одобрување на заемот дава министерот за финансии.

Во мај 2011-та Општина Велес се задолжи кај Светска бака со кредит во висина од 42 милиони денари,  со рок на исплата до 2022 година. Средствата беа искористени за улично осветлување и доведување на квалитетна вода за пиење до езеро Младост.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »