речник контакт

Советот одлучи, Општина Велес да се задолжи за изградба на покриен пазар

Вредноста на кредитот е 46 милиони денари, рок на враќање е 13 години, три години грејс период

Петар Печков

Советот на општина Велес со мнозинство гласови,  од владејачката коалиција на СДСМ , 13 „за„ и 10 „против“, ја донесе одлуката локалната власт да се задолжи кај Светска банка за изградба на покриен пазар во градот. Вредноста со која Општина Велес ќе се задолжи е 46 милиони денари, рок на враќање е 13 години, три години  грејс период.   

„Со ова задолжување ќе се затвори финансиската конструкција за изградба на покриениот градски пазар, на левата страна од градот. Со него и продавачите и купувачите ќе добијат  подобри услови. Општината е финансиски способна да го исплаќа кредитот. Задолжувањето е со многу поволни услови, со каматна стапка од 0,7 до 1 % на годишно ниво, но не повеќе од таа нa Република Македонија. Ќе добиеме и 27% грант од Светска банка како награда ако успееме квалитетно да го реализираме проектот. Тоа се средства  од околу  12,4 милиони денари кои ќе ги вложиме во инфраструктурата во градот“ -кажа градоначалникот   Коцевски. 

Покриениот дел од пазарот опфаќа површина од 3,4 илјади м2. Од продажбата на 19-те, дуќани, добиените средства локалната власт планира да ги намени за други инвестиции во градот.   Владата уште при крајот на 2019-та година издвои наменски  40 милиони денари, кои биле на посебна сметка. Со нив ќе почне изградбата на првата фаза, горниот дел од пазарот за што  е  распишан јавен повик за изведувач на работите.  Со средствата од кредитот ќе се затвори финансиската конструкција за втората фаза, покривање на долниот дел од пазарот. Против задолжувањето гласаа советниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

„Никој не е против изградбата на покриен Градски пазар. Но  не се согласувам со начинот на изградба и финансирањето. Ако средствата од Владата стоеја една година неискористени, можеше за тој период да се почне изградбата. А потоа преку продажба на деловен простор, или преку најавената продажба на Хотел Вила Зора, најавените продажби на градежни парцели кај езеро Младост, да се соберат средства за затворање на финансиската конструкција, не преку задолжување“ - рече Ангел Димов советник од ВМРО-ДПМНЕ.  

Градоначалникот Коцевски дополни дека  најавениот почеток на изградба на покриен Градски пазар есената 2017-та бил во функција на предизборие.

„Изградбата на Пазарот тогаш немаше одобрение за градба, на сметката имаше 12 милиони денари за изградба  а беше избран изведувач, во време на кога беа распишани локалните избори во 2017-та, што е недозволиво“ - додаде Коцевски.  

Општина Велес има за исплата тековен кредит, за кој се задолжи исто така кај Светска банка во 2011-таа. Остануваат уште три рати за исплата во вкупна вредност од 12,44 милиони денари. Тој се искористи за осветлување на градот со лед светилки и доведување на вода за пиење до езеро Младост.

И тогашната одлука за задолжување, кај дел до јавноста не беше прифатена но тогаш изгласана од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.   Одлуката за задолжување, донесена вчера треба да ја потпише министерот  за финансии  а да ја одобри Бордот на Светска Банка.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »