речник контакт

Советот ја испрати железница на поправен

Железничарите сметаат дека состојбата со премините е задоволителна додека локалните власти се незадоволни, зошто во велешко се случува да на се спуштаат безбедносните железнички рампи, со што се доведува во прашање безбедноста на граѓаните.

Петар Печков

Македонски железници – инфраструктура сами на себе си дадоа двојка, додека велешките советници им дадоа единица, тоа се оценки  за безбедноста на железничките премини во општината.  Железничарите сметаат дека состојбата со премините е задоволителна додека локалните власти се незадоволни, зошто во велешко се случува да на се спуштаат безбедносните железнички рампи, со што се доведува во прашање безбедноста на граѓаните. Тие се на најфрекфентните улици, на двата моста и доколку граѓаните сакаат да минат од едниот во другиот дел на Велес, мора да ја минат железничката пруга Скопје – Гевгелија.

Се случуваат несакани настани, гужва, нервозни шофери и граѓани, кога рампите среде град не се спуштаат. Згора на тоа се создаваат огромни колони од автомобили кои трпеливо чекаат да продолжат да возат. Така е со години а ништо не се презема состојбата да се поправи. Немаме информација колку часови и денови овие дефекти траеле, за колку време се отстранети – изјави Весна Стојановска Богоевска.

Други советници бараат да се обезбедат премините кај селото Горно Оризари и кај фабриката  Порцеланка, каде минуваат стотици автомобили секојдневно на премини каде нема рампи. Советничката Марина Мијајлеска побара од ЈП МЖ да се реши проблемот со заштитната ограда  во месноста Долни Дуќани, во должина покрај пругата кон Гевгелија.

Безбедноста на пешаците на оваа улица е нарушена, бидејќи оградата е оштетена, некаде и ја нема а бидејќи нема тротоар, граѓаните минуваат веднаш до пругата, која е фрекфентна и постојано има возови. За да се избегне несреќа треба итно таа ограда да се обнови – изјави Мијајлеска.

Забелешките ги прифати и претседавачот на Совет Славчо Чадиев, кој од македонски железници побара одговори на прашањата кои ги тиштат велешани. Од ЈП МЖ – инфраструктура велат состојбата е задоволителна и низ бројки објаснуваат дека лани, 2010-тата во велешко, на пругата Скопје – Гевгелија која е електрифицирана и каде рампите работат електронски, имало 30 неисправности, од кои две третини  биле резултат на човекот.

Во десет случаи дефектите се случиле поради здржување на браниците од страна на поединец а во исто толку случаи, десет, поради кражби на делови кои се витални за рампите. Преостанатите десет дефекти биле технички проблеми на самите уреди, прекин на електро напојување или промена на напонот. За надминување на техничките проблеми на автоматските патни премини изграден е двоен систем на напојување од различни места, со што безбедноста е гарантирана – велат од ЈП Македонски Железници – инфраструктура.

Според нив безбедноста при евентуалниот дефект или неисправност на уредот, се постигнува со пропишана процедура и  која досега не била прекршена од страна на железничарите и не се случило загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, ниту во железничкиот ниту во патниот. Во поширокиот велешки регион има  20 железнички премини и сите се обезбедени со светлосна, звучна и патна сигнализација, објаснуваат од железница. Во тек било инсталирање на светлосна и звучна сигнализација на неколкуте железнички премини кон Богомила.

Проблем создавало и тоа што се крадат сообраќајните знаци т.н. ,,Андреин крст,, со кои се означува дека во близина има железнички премин. Лани железничарите евидентирале една сообраќајна несреќа, на необезбедениот премин кај селото Горно Оризари,  во кој учесниците минаа со полесни телесни повреди. Советниците  пак потсетија на сообраќајката од април лани, кај селото Ногаевци кога на необезбеден железнички премин од пругата Велес – Градско воз удри во автомобил а возачот  заврши на скопските клиники со тешки повреди.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »