речник контакт

Сограѓаните кои одбележаа 60 години матура, вруток на информации за животот во Велес по војната

Нашите сограѓани споделеија моменти кои не се само дел од нивниот живот, туку и од едно време, кое полека се заборава а е дел од историјата на Велес

Петар Печков

Шеесет години матура, половина век и повеќе, одбележа  генерацијата која средно училиште  завршила  пролетта 1962 година. Дел од нив,  повторно се собраа, барем неколку часа да бидат заедно, да се дружат и сеќаваат на драгите спомени, на младоста. Тоа се учениците од генерацијата 1958-192 од велешката Гимназија Кочо Рацин. Сите родени во екот на војната 1943, кога Велес бил  под окупација, растеле во сиромаштија, генерација која се хранела на бонови и пишувала на пиши бриши во прво одделение.

„Се што минавме во детството и младоста не` направи посилни, поиздржливи, похрабри, посмели. Секому му остануваат во убаво сеќавање годните поминати во младоста“ - вели Ане Маџаров еден од 20-тината присутни на генерациската прослава.

А четврта година мај 1962-та ја завршиле стотина средношколци, во три класа.  Оваа генерација има што да раскажува, многу детали, моменти кои не се само дел од нивниот живот, туку и од едно време, кое полека се заборава а е дел од историјата на Велес.

„Матурската вечер ја прославивме во салата Атина, во центар на градот, каде беше стара Библиотека.  Бевме како и сите пред нас и по нас,  облечени свечено колку за тоа време. Концерт мајстор за забава ни беше класниот Црвенпанов. Бевме како генерација многу општествено ангажирани. Немаше љубомора, немаше карање. Во тоа време учевме по два јазика, француски, руски или германски“- вели Ѓоко Манчев.  Со него е Лефко Лефков, со кого се надополнуваат раскажувајќи ја историјата, навраќајќи се во спомените.

„Матурската се правеше цела ноќ, се до зазорување. Потоа идеа зурли тапани и со нив се одеше на Манастирот Св. Димитрија и со тоа завршувавме.  Пред матурската секоја вечер правевме серенади, одевме под пенџере кај класините и со гитара и песна, се дружевме. Отидовме и кај директорот Славчо Николов, голем човек беше тој за градот. Кај  класната Виолета Грабулова имаше и играње на маса“- додава Лефков.

Дел од генерацијата е и Борче Ристевски од  Теово кој живее во Свети Николе каде го минал и работниот век. Тој има  напишано 17 стихозбирки. Но иако има што да каже, вели се што имал напишал,  и се речи на молчење  за настаните од младешките денови.  

„Имавме професорка по германски познатата Бабушка, дојдена од Царска Русија 1917 во Велес со сопругот кој беше висок со  воен чин во кралска Русија.  Таа и останатите професори, не` научија во животот на силни човечки  вредности. Кога почина подоцна, ние, нејзините поранешни ученици, ја погребавме и неа и сопругот, оти немаа друг од семејството. Тоа беше наша почит кон неа. Цел живот во Велс го минаа како потстанари“ -раскажува Лефков.

„Немавме срам од  физичка работа. Ноќта ја славевме  матурската а сабајлето на магарица на тутун берење. Како деца многу работевме, сите. После зградата на Гимназија беа полиња, се беше тутун, афион гледавме како работат луѓето  и ние  работевме“ објаснува Манчев

На оваа матурска прослава дојдени беа соученици и од Скопје и од Струмица, велешани кои животниот пат ги разнел по Македонија.

 „Дружењето ни остана, оти споменати не` врзуваат. Имавме убав ученички живот. Со некои учам уште од прво одделение, толку години сме заедно. Прво одделение ни дадоа и тетратки и моливи. Моливите на половина ги делеа. Се сеќавам дотогаш лак немав помирисно и тој мирис на лак од моливот,  ми остана цел живот во сеќавање. За краснопис за да се исуши мастилото, носевме пепел од огништа од дома. Пишувавме со перодршка и мастило. Многу учевме, па од генерацијата многу од нас завршија факултет“- кажа Елена Шопова, моминско Чадиева.   Класни на генерацијата биле Љупчо Црвенпанов, Лилјана Ставрева, Виолета Грабулова.

„Во прво одделение во Св. Кирил и Методиј кога учевме немавме тетратки туку табли и калем од  камен. Од едната страна на таблата  со коцки од другата тесни и широки, пиши бриши беше со сунѓерот. Така беше во прво полугодие 1950-та, во второ полугодие ни дадоа моливи и тетратки. Тоа беше вистинско богатство, толку ги чувавме.  По четврто одделение не одевме петто, туку тогаш беше први клас, се учеше осум класа. По завршувањето  на први клас, се воведе осумгодишно основно образование и продолживме со шесто одделение, први клас ни го рачунаа како петто одделение“- се присетува Маџаров.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »