Петар Печков
Објавено: четврток, 16 јануари 2020
Сообраќајка на месноста Кула, во која според АМСМ учествувале шест возила, три патници се повредени, две од нив се пренесени во велешка Болница а едно на Клиника во Скопје. Сообраќајната несреќа се случила утрово околу осум часот на автопатот Велес- Скопје, а според сведоците автомобил, со кавадаречки регистарски таблички, влетал во задниот дел од камионот а потоа на нив налетале уште други возила. Во моментот кога се случила несреќата на Кула имало густа магла. Први на местото, уште не била стигната полицијата, дошле две коли на Итната помош од Велес.
Повикот за наша интервенција беше во 8 часот а екипите стигнаа на местото во 8,13ч. Стануваше збор за сообраќајна незгода во која имаше три повредени лица. Започната е тријажа, проценка за пружање на прва помош, и утврдено е дека две лица се со лесни телесни повреди и тие се префрлени во велешка Болница. Третата пациентка, која беше тешко повредена и поради тежината на повредите одлучено е веднаш да биде пренесена на Клинички ,,Мајка Тереза,, во Скопје - изјави д-р Страхил Тодоров портпарол на Итната помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
За МИА од Клинички информираат дека пациентката е во кома, во тешка здравствена состојба со скршеници на главата и со крварење.
Во ЈЗУ Општа Болница Велес утрово биле примени два пациенти, кои биле хоспитализирани на одделот за ортопедија. Пациентот С.М. (37 год) и десет годишно девојче, кои биле тетин и внука.
И двете лица имаат телесни повреди, кои не се од сериозен карактер. Направени се прегледи од ортопед и невролог, извршени се снимања, комплетни лабораториски и рендгенски испитувања. Задржани се на опсервација во болницата - изјави д-р сци. Тодор Јаковлевски портпарол на Општа Болница Велес.
Од СВР Велес се уште нема информација за сообраќајката. Поради увид на местото на настанот сообраќајот на автопатот Велес- Скопје повеќе часови беше во прекин.
Tweet |