речник контакт

Сопствениците на добитокот задолжени да ги отстрануваат фекалиите од улица

Одлука на Советот на општина Велес, која предвидува и парични казни

Петар Печков

Честа  сликата  е на улиците низ градското подрачје на Велес да се движат запрежни возила и добиток. Лицата кои  што управуваат со нив не  преземаа никакви мерки за отстранување на фекалните остатоци, што се создаваат од  добитокот или за време на движењето или  стоење по коловозите, тротоарите и парковите.

За контрола на начинот на движење на запрежните возила и добитокот како учесници во сообраќајот надлежна е сообраќајната  полиција, но одржувањето на хигиената на добитокот во движење и при стоење на јавно прометни површини и улици, досега  не беше регулирано со ниеден акт.

Од неодамна Советот на Општина Велес донесе  одлука,  со која се воведува ред  во одржувањето на хигиената.  Со неа се обврзува лицата што управуваат  запрежни возила или го  водат добиток, да водат сметка за одржување на хигиената со обезбедување на хигиенска опрема  -кесе, метла, лопатка за прибирање на фекалните остатоци при движење.

Со оваа Одлука Советот го утврди начинот и условите за одржување на хигиената од фекални остатоци создадени од запрежни возила и добиток по улиците и јавните површини во градското подрачје на  Општина Велес. Се забранува оставање на добиток во паркови и други јавни површини за паша и одмор. Лицето што управува со запрежна кола или го води добиток, има обврска да обезбеди хигиенска опрема за прифаќање, прибирање и одлагање на фекални остатоци од добитокот -коњ, магаре, мазга при движење и за време на стоење. Фекалниот отпад не смее да се остава на јавно прометна површина – изјавија од локалната самоуправа.

Со оваа одлука регулирани се и повеќе ситуација, кои можат да се појават  по сообраќајниците и јавните површини.

Ако се создаде отпад -смет од добитокот на јавно прометните површини, лицето што управува со запрежна кола или добитокот е должено отпадот да го отстрани од местото каде е создаден, во спротивно тоа ќе го стори ЈКП „Дервен“ на сметка на лицето кое управува со запрежна кола или добитокот.

Доколку има фекални остатоци од добитокот при движење и за време на стоење, оставени од непознат сторител, чистењето на јавно прометна површина ќе ја изврши ЈКП Дервен “, согласно годишната програма за јавна чистота.

Доколку се најде на сообраќајница или јавно прометна површина запрежна кола или добитокот, која не е обезбедена со хигиенска опрема (кесе, метла, лопатка и др.) за прибирање на фекалниот отпад при движење, овластените лица ќе извршат опомена на имателот на запрежната кола или на лицето што го води добитокот, во спротивно ќе издадат мандатен платен налог.

Спроведување на оваа Одлука ќе врши согласно Законот за јавна чистота овластен комунален инспектор или комунални редари при Општина Велес, во соработка со СВР  Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »