речник контакт

Соседите сами си ја обновија Читкушева чешма

И додека едни градат, кај Читкушева, други уништуваат кај Маалска чешма

Петар Печков

Жителите кои живеат околу Читкушева чешма сами си ја подновија. Месноста е центарот за делот на Велес кој гравитира кон црквата Св. Богородица или е попатна станица кон втората црква Св. Спас.  По две децении  соседите собраа средства и ја уредија чешмата која тука е со векови со сигурност најмалку два. Тука мора да мине секој намерник кој оди кон стариот дел на Велес, во опеаното Влашко маало или кон една од двете цркви. Под столетниот јавор, кој е до неа, во летните жеги соседите седат и муабетат.

Ова место е многу фреквентно, тука е крстосница за стариот дел на градот, од тука минат сите што одат на пазар или кон Потокот. Бидејќи оваа чешма е животот за нас, тука се собираме да се видиме, помуабетиме, пошегуваме, разбереме што има старо ново, решивме сами и да ја обновиме. Собравме кој колку има и може, секој од нас учествуваше со работна рака и еве ја чешмата сега со стар нов лик, ама обновена. Последен пат исто така сами ја реновиравме во 1992-тата година. Таа е спомен од дамна минато време, и тука покрај неа минеле илјадници велешани и нивни гости  – велат жителите од околината на Читкушева чешма.

Таа го добила името по фамилијата Читкушеви кои  живееле во близина, ја изградиле и дотерале откако им починале  три деца од неквалитетна вода што се пиела во тој дел на градот. Во нивен спомен останало името и како белег за тој дел на Велес. Во обновата на чешмата годинава помогна и зографот Златко Александровски кој ги нацрта деталите. И додека тие се позитивен пример како се чува традицијата, на друг дел до градот,  познатата Маалска чешма која ја обнови локалната власт, набргу беше уништена од несовесните  сограѓани. А Велес е токму препознатлив по бројните маалски чешми Солена, Бричкова, Прчија, Чатмова, кои се дел до обележјата на градот, собиралишта каде велешани дознавале што е актуелно во градот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »