речник контакт

Состојба на такси возилата во Велес

Со воведувањето на лиценците за такси возилата драстично е намален бројот на дивите таксисти во Велес, за сметка на тие што се решија да работат согласно законот велат во локалната самоуправа на градот.

Петар Печков

Со воведувањето на лиценците за такси возилата драстично е намален бројот на дивите таксисти во Велес,  за сметка на тие што се решија да работат согласно законот велат во локалната самоуправа на градот. Така според нивните последни податоци дозвола за работа имаат 240 таксисти а бројот на дивите се движи околу 70-тина, што е многу помалку отколку на почетокот на годинава кога имало 400 таксисти а само 40-тина со лиценца.

- За жал имаме примери дека законот не го почитуваат полицајци, наставници и професори, лица вработени во јавната управа и државните органи. Тоа е лош пример кога тие што треба да го почитуваат законот, попладне на нивните возила ставаат табла такси и возат на диво - вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тој вети дека од 1-ви јули кога образованието ќе дојде под локална власт, сите што ќе бидат фатени дека возат такси се судруваат да го изгубат работното место во училиштата.

Легло на дивите такси возила според евиденцијата на надлежните инспекции се автобуската и железничката станица, но и отсуството на координирана акција на надлежните служби. Оваа година сообраќајната испекција поднела 70-тина прекршочни пријави и досега ниту една не била процесуирана во Основниот суд во Велес, додека минатата година од 260 поднесени пријави казнети биле четвртина, 65 возачи поради немање на лиценца.

Но и кога ќе бидат фатени такси возилата без лиценца возачите велат дека возат нивни роднини или пријатели, кои за возврат добиваат пониска цена од легалната тарифа, која е 30 денари за старт и 5 од км. Од друга страна легалните возачи бараат локалната власт да го исполни ветувањето да застане на пат на нелојалната конкуренција.

- Долго време од нас се бараше да се легализираме за да можме нормално да работиме. Тоа го сторивме но сега на потег е градот кој треба да ги исчисти улиците од дивите таксисти. Не веруваме дека се само седумдесет, сигурно ги има повеќе - велат возачите кои поседуваат лиценца. Тие имаат уште една обврска до први август возилата да ги офарбаат во жолта боја, па така Велес како и поголемите светски метрополи ќе има еднобојни такси возила.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »