речник контакт

Социјалните станови или да се закупат или да се откупат

Висината на закупнината зависи од категоријата на корисниците. Становите ќе се отплаќаат 30 години со фиксна камата од 4 проценти

Петар Печков

Становите, кои  ги користат социјални случаи, a дел се во општествена сопственост, ќе добијат регулиран правен статус најдоцна до септември следната година. Граѓаните што живеат во овие станови имаат рок до крајот на март 2015 година да се изјаснат дали ќе склучат договори за закуп или, пак, ќе ги откупат. Доколку не го сторат тоа, автоматски ќе добијат решенија за закуп. Висината на закупот, како и процентот на учество за откуп на станот се одредени во зависност од вкупните примања на семејствата.

„Доколку до 31 март граѓаните кои живеат во овие станови не се изјаснат за закуп или за откуп, тогаш по сила на закон со решение ќе им дадеме закуп. Моментално има голем број граѓани кои немаат ни закуп на становите, ниту поднесуваат барање за откуп и ништо не плаќаат кон државата“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на прес- конференција.

Bисината на закупнината и на учеството за откуп на становите за лицата со ниски примања се поделени во 4 групи: за лица со социјален ризик, за лица со ниски приходи, со просечни и за лица со високи приходи.

На лицата во социјален ризик евидентирани во базата на Министерството за труд и социјална политика, ќе им биде доделен стан под закуп без плаќање закупнина се' додека примаат таква помош.

Семејствата со ниски приходи, пак, се поделени во две подгрупи. Ако вкупниот приход на семејството е максимум од 2 минимални нето-плати, или околу 17.600 денари, тогаш цената за закуп ќе изнесува 25 денари по метар квадратен. Доколку вкупните примања се меѓу 17.600 и 30.000 денари, односно до 1,5 просечна нето- плата, закупнината е 35 денари квадрат. Ако граѓаните од овие поткатегории сепак одлучат да ги откупат становите, тоа ќе можат да го сторат со кредит преку АД за станбен и деловен простор. Притоа ќе треба да платат минимално учество во висина од 5 отсто од вредноста на станот, да плаќаат 30 години со фиксна каматна стапка од 4 проценти на годишно ниво.

Домаќинствата кои се во категоријата просечни примања, ако имаат вкупен приход од 1,5 до 2 нето-просечни плати ќе можат да ги закупат становите по цена од 62 денари квадрат, а ако вкупните примања им се меѓу 2 и 2,5 просечни плати, закупот ќе изнесува 95 денари квадрат. Ако сакаат да ги откупат становите, ќе треба да уплатат 20 проценти учество. Рок на отплата и каматната стапка се исти како и кај првата категорија граѓани.

Владата одлучи на лицата со високи примања од над 2,5 просечни нето-плати да им дозволи да го откупат станот со минимално учество од 30 проценти, со отплата 30 години и камата од 4 отсто. Во Велес има 150 вакви станови, сите во трите згради во населба Тунел, најмногу после Скопје. Во неодамнешна анкета на инвеститорот, 90 отсто од корисниците потврдиле дека сакаат да ги откупат становите.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »