речник контакт

Спомен Костурницата се уништува

Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Велес се наоѓа во лоша состојба откако подолго време кровот прокиснува а мозаикот е сериозно оштетен.

Петар Печков

  Капиталното дело на Петар Мазев најголемиот мозаик во земјава се рони и попушта под водените капки кои се слеваат од кровот. Оштетувањата секој ден се  поголеми, а состојбата е лоша повеќе од три години. На ваквата состојба реагираа од локалната власт и бараат да се преземат потребните чекори за санација на  споменикот.

Спомен Костурницата има историско и културно значење и не треба да биде запоставен. По една градежна интервенција од пред  неколку години, почна повторно да прокиснува, очигледно дека таа не била доволна да се заштити споменикот. Бидејќи капиталните инвестиции се под Министерството за култура, потребно е да се преземат градежни мерки за да се заштити од натамошно руинирање. Голема штета ќе биде со сите свои вредности Костурницата да биде оставена така – изјави градоначалникот на Велес Горан Петров.

Тој смета дека е потребно прво да се направи добра техничка документација за да се утврди како ќе се санира, и да не се повтори случајот од пред некоја година, да се сработи а од тоа да нема никаков ефект. Во очекување на скора реакција на Министерството за култура и Републичкиот завод за заштита на спомениците од културата, реагираа и велешките борци.

  Како организација немаме пари за да ја поправиме, но затоа имаме морална обврска да реагираме. Згора на тоа Спомен костурницата е споменик на културата и не смееме да ја оставиме така да пропадне. Министерството за култура мора да најде начин и средства да ја санира, бидејќи времето само го уништува прекрасниот мозаик на Мазев. Ова мора да се случи најитно,  за наесен кога почнува сезоната на дождови  не биде предоцна – вели Кицо Саздовски претседател на Сојузот на борците од Велес.

Тие стравуваат дека ако наскоро не се преземат санациони мерки, кровот ќе попушти а мозаикот ќе се растури. Борците пролетва испратиле писмо до Министерството за култура во кое укажуваат на состојбата од споменикот, но повратно одговор не добиле ниту пак се работи било што за обезбедување на Костурницата.

Слично така, со писмена реакција, постапи во текот на минатото лето и раководството од Народниот музеј, во чија надлежност е Спомен Костурницата, но работите не се поместија од мртва точка. Иако покривот на објектот беше саниран во 2003-тата година, поправките не издржаа долго, па последиците од влагата се почувствува врз монументалното дело на Мазев, распослано на 220 метри квадратни.

Водата се слева од јужната страна на покривот во внатрешниот дел каде се видливи флеки од вода на таванот. Покривот прокиснува во дел и од северната страна каде водата го нагризува вредниот   мозаик. На надворешниот дел од објектот со голо око се забележува дека таму каде што е извршена поправката, слојот е веќе излупен, додека првично поставениот заштитен слој од 1979 година сеуште е одлично сочуван.

Инвеститор  на работите тогаш со околу 100.000 евра  беше Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а изведувач  Градежниот институт од Скопје. Но не цела година по тоа, Спомен костурницата  повторно прокисна, иако гаранцијата на изведувачките работи била две години,  изведувачот по реакциите од Музејот не дошол да интервенира.

Мозаикот дело на Мазев, претставува една композиција од 5 слики преку кои авторот ја прикажува историјата на македонскиот народ почнувајќи од турскиот период па се до завршувањето на НОБ 1945 година. Преку петте слики прикажани се македонската епопеја од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни па се до НОБ. Во специјален простор се чуваат и посмртните останки на 100-ната паднатите борци од НОБ, меѓу нив и на поетот и револуционер Кочо Рацин.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »