речник контакт

Спортските подеми и падови на регионот на Олимпијадата

Кој и што освои на Олимпијадата во Лондон од Балканските земји. Хрватска и Романија најуспешни.

Петар Печков

Вкупно 32 медали освоија спортистите од девет земји на Југоисточна Европа, за време на Лондонската Олимпијада 2012, при што Хрватска и Романија заедно освоија скоро половина од истите.

Хрватска освои најголем број златни медали во регионот, три, и вкупно шест медали. Земјата го обезбеди својот последен златен медал со победата над Италија во ватерполо за мажи, само неколку часа пред затворањето на Олимпијадата.

Романските спортисти освоија девет медали, вклучително и две златни -- Алин Георге Молдовеану во воздушна пушка за мажи на 10 метри и гимнастичарката Сандра Ралука Избаша во прескок за жени.

Tурција освои два златни медали, а вкупно пет медали. Асли Чакир Алптекин заврши на првото место во трката за жени на 1500 метри, додека Сервет Тазегул победи во таеквондо за мажи (68 килограми).

Србија освои четири медали, вклучително и златото на Милица Мандиќ во теквондо, додека Кипар и Црна Гора освоија по еден сребрен медал.

Црногорскиот женски ракометен тим стигна во финалето за златниот медал, но изгуби од Норвешка и освои сребро. Ова беше прв олимписки медал што оваа јадранска република го освои од независноста во 2006 година.

На Игрите во Пекинг 2008 година, спортистите од седум регионални држави донесоа дома 34 медали.

Недостигот на средства ги принуди државите погодени од криза, како Грција, да ги скратат трошоците за годинашната Олимпијада. Државата испрати 105 спортисти во Лондон, што претставува намалување од нејзините 156 учесници на Игрите во Пекинг, при што некои отпатуваа за Велика Британија без своите тренери. Иако подобрата позиционираност во финалната пресметка на бројот на медали би го зајакнале егото на Грците, погодено од мерките на штедење и зголемената невработеност во земјата, нејзините спортисти освоија два бронзени медали, како и Молдавија.

Бугарија освои два медали, што е нејзин најслаб успех на Олимпијадата од 1956 година. Петкратната светска шампионка во борење, Станка Златева, беше поразена во финалето на натпреварот во слободен стил до 72 килограми од Русинката Наталија Воробиева, и дома однесе сребрен медал. Боксерот Тервел Пулев, уште еден аспирант за злато, беше совладан од Олександр Усук од Украина во полифиналниот натпревар во тешка категорија за мажи со 21:5. Тој го делеше бронзениот медал со Тејмур Мамадов од Азербејџан.

Ова беше најлошото претставување на Бугарија во изминатите шест децении. Ние имавме целосен неуспех во атлетика“, рече за SETimes Николај Стоилов, 76-годишен поранешен одбојкарски тренер. „Многу сум разочаран.“

Македонија не освои медал, иако спринтерот Кристијан Ефремов постави личен рекорд на трката на 400 метри. „Ако ги земам предвид минималните услови за тренирање што ги имав во изминатите три години, би кажал дека сум пресреќен со овој резултат“, рече Ефремов по трката.

Слабите резултати не се изненадување, вели поранешната македонска олимписка пливачка Наташа Мешковска, со оглед на тоа што државата не инвестира директно во спортистите.

Се градат спортски сали, но на спортистите им треба директна постојана индивидуална помош. На пример, за да се постигнат добри резултати во мојот спорт, пливањето, треба да имаме најмалку 1-2 базени за тренинг што ќе бидат активни во текот на целата година, но и стипендии за пливачите почнувајќи од рана возраст“, изјави за SETimes Мешковска, која сега работи како професор и тренер по пливање.

Еве го прегледот на олимписките делегации од регионот:
Aлбанијa: Население: 2,8 милиони; Спортисти во Лондон: 11
Босна и Херцеговина (БиХ): Население: 3,8 милиони; Спортисти во Лондон: 6
Бугарија: Население: 7,3 милиони; Спортисти во Лондон: 63
Хрватска: Население: 4,3 милиони; Спортисти во Лондон: 110
Кипар: Население: 1,1 милион; Спортисти во Лондон: 4
Грција: Население: 10,9 милиони; Спортисти во Лондон: 105
Maкедонија: Население: 2 милиони; Спортисти во Лондон: 4
Mолдавија: Население: 3,6 милиони; Спортисти во Лондон: 21
Црна Гора: Население: 620.000; Спортисти во Лондон: 33
Романија: Население: 19 милиони; Спортисти во Лондон: 104
Србија: Население: 7,1 милиони; Спортисти во Лондон: 115
Tурција: Население: 74,7 милиони; Спортисти во Лондон: 114

Оваа содржина е преземена од  SETimes.com.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »