речник контакт

Старата велешка архитектура се губи

Се ронат бисерите на старата велешка архитектура

Петар Печков

Бисерите на велешката староградска архитектура се темната страна на градската слика. Напуштени, со искршени прозори, испукани ѕидови и паднат малтер само се бледа слика на некогашниот сјај и раскош со кои се гордееле нивните тогашни сопственици.

Куќите на Шоптрајанови, Апасиеви и Габерови ја нагрдуваат околината и прашање е на ден кога тие ќе се срушат, поради нарушената стабилност и  негрижата кон нив. Иако заштитени како спомен куќи, тие се одамна заборавени.  Глетката кон нив ја оддава сликата на тогашните богати велешки трговци, кои граделе со вкус и стил.

Жално е кога ќе се видат овие куќи, во каква состојба се сега. Градот или државата мора нешто да сторат, за идните генерации. Ова е гордост на Велес, по кој тој е препознатлив на минувачите.  Повеќе години тие  се напуштени и никој не се грижи за нив, не се интересни ни за бездомниците бидејќи се опасни по животот – велат соседите.

Сместени во различни делови на градот, на Габерови во Дворови, на Апасиеви кај Варналиите и на Шоптрајанови во близина на куќите на Главинов, Џинот и Касапови, тие имаат иста судбина. Стрмните велешки сокаци водат до секоја од нив, и тие веднаш влегуваат во поглед бидејќи се  еркерно исфрлени, првиот кат е на поширока основа од приземјето, што е карактеристично за велешката архитектура. Така се освојувал просторот, за да има место каде низ  тесните уличиња да минат велешани.

Додека мојот татко беше во  финансиска можност да ја реновира и сочува, не му дозволуваа, била под заштита на државата. Сега јас сум невработен единствено што можам е да ја продадам. Државата сега нека ја мисли ако и треба – вели сопственикот на куќата на Габерови.

Таа е поделена на два дела, што потекнува од времето кога била сопственост на некој турски бег и едниот машкиот дел е одлично сочуван и таму живеат станари, додека женскиот е руиниран. Низ таванот се гледа небото и наместо да штити, тој е како расипан чадор кој прокиснува. Во сочуваниот дел, како и во сите овие три куќи некогаш, таваните се вистински ремек дела, со розети, ѕидовите со долапи за чување на облеката а по подовите миндерлаци за седење.

Велес  кој бил мост на културите во отоманското царство, културен и трговски центар, има специфично ридско-карпеста релјефна структура која создала уникатна велешка архитектура. Таа сега е пред уништување. Добри вести не стигнуваат ниту од надлежните културно конзерваторски институции.

За да можеме да ги  зачуваме овие куќи потребно е со проекти да се конкурира, па потоа дали ќе се прифатат или не. Во земјава има многу значајни заштитени стари куќи, така што е тешко да се стигне секаде и се помогне. Парите се во основа на целата активност. А досега во Велес  имаме доста сработено и догодина една куќа е во план за заштита – изјави  директорот на Националниот конзерваторски центар Бехиџудин Шехапи.

Идентичен став и од директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман, кој го отфрла впечатокот на велешани дека градот е заобиколен при заштитата на национално богатство кое тој го има.

Наспроти инертноста на државата во зачувувањето на заштитената градска архитектура, локалната власт може да се пофали дека со помош на странски донации ги откупи и уреди куќите на Касапови и Џинот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »