речник контакт

Старец на психијатриско лекување, оти се обиде да ја убие сопругата

Ова е трета ваква пресуда во велешкиот суд за половина година

Петар Печков

Старец остатокот од животот ќе го мине во Психијатриската болница откако  се обиде да ја убие сопругата.   На Тахир Мустајбашиќ  ( 73 год) од  велешко Горно Оризари  за кривично дело убиство во обид  му е изречена мерката на безбедност,  задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

Ова е одлука на Основниот суд во Велес, откако психијатарите  при Клиниката за психијатрија во Скопје констатирале дека Мустајбашиќ боледува од деменција, во време на извршувањето на кривичното дело не бил во состојба да го сфати значењето на истото , не можел да управува со своите постапки односно бил во состојба на непресметливост, како и дека поради непредвидливоста и реалната опасност да повтори слично кривично дело единствено можно е тој да оди  ЈЗУ Психијатриска болница Негорци- Гевгелија. Обидот за убиство  се случи на ден 7 јули 2010 година околу  5,30 часот во семејната куќа во Горно Оризари кога обвинетиот се обиде да ја лиши од живот сопругата Џ.М. ( 70 год).

Тој  откако се разбудил станал од креветот и се упатил во дворот од каде земал секира и се вратил назад, при што со секирата ја удрил  немилосрдно, неколку пати во пределот на главата и на рацете, од кои удари оштетената здобила тешки телесни повреда  на главата, посекотини на вратот, и скршеници на раката и шаката. За среќа брачниот пар, кој дотогаш живеел сам, критичниот ден  имал гости, ќерката и зетот, кои биле сведоци на настанот и го сопреле старецот во неговата намера да ја убие жената. Тој недела пред овој обид за убиство, се вратил од лекување од Нервното одделение при Велешката Болница.

Ова е трета  ваква пресуда, задолжително лекување во психијатриска болница,  за половина година во велешкиот основен суд. Стевче Тасевски (30 год) од селото Иванковци  доби задолжително лекување и сместување во здравствена установа, заради убиството на неговиот татко Санде ( 60год) кое се случи годинава на големиот христијански празник Прочка. Младиот Неготинчанец Димитар Спасовски ( 23 год)  остатокот од  животот ќе го мине во Психијатриска Болница на задолжително лекување. Оваа мерка му е изречена во Основниот суд во Велес, оти со единаесет убоди од нож  ја уби мајка си  Нада ( 57 год) на 17 јули годинава.  

Психијатарите  во сите случаи констатирале дека сторителите се непресметливи.  Докторите  за ваквите случаи велат дека лицата кои ги прават овие убиства се заробеници на сопствениот ум. 

Во моментите кога  сторителите ги вршат овие дејствијата , во вакви случаи, тие биле под силно влијание на болни идеи.   Имаат една цел, да ја издејствуваат за нив потребна вистина.  Имаат нелогични и налудничави идеи, резултат на нивната параноја и трајно душевно заболување, неразбирливи, нејасни одговори. Затоа да не се повтори нешто слично, најдобро за заедницата, семејството  е тие да одат на лекување во некоја од психијатриските болници во земјава – објаснува клинички психолог, судски вештак. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »