речник контакт

Старите дрвја опасност за куќите во Велес

Две паднати дрвја оштетија две куќи во градот за една година. Локалната власт стравува од екологистите при сечењето на старите дрвја

Петар Печков

Децениски старите дрвја ги уништија крововите на две велешки куќи. Ова се случи во период од една година.  Деградираните дрвја  на јавните површини од градот, се опасност за многу други домови на велешани.   Тие бараат да се исечат и отстранат, оти стравуваат по животите на нивните семејства и блиски. Семејството Лазарови живее покрај брегот на реката Вардар и  дел од нивната куќа  се оштети од падната топола.

Имаше невреме, ветер, дожд и  се слушна тап удар. Се сеќавам дека мајка ми  рече  падна дрво. Беше во собата каде живеше татко ми. Толку ја уништи што  таа   и натаму е неупотреблива, не ја користиме.  Добивме обесштетување од смешни две илјади денари. Но околу нас има други тополи, кои имаат плитки кроени и се опасност по куќите од овој дел на градот. Затоа треба и бараме  да се сечат  - рече  Ана Лазарова од улица Благој Нечев број 6. 

На повеќе локации во градот велешани се судруваат со ваков проблем, стари деградирани дрвја кои се пред  паѓање. Како што во одделени делови  има одрон земјата, така на други  старите дрвја  прават материјална штета. Тоа лани есента се случи кога падна дрво од дворот на Офицерски.

Беше утро кога наеднаш се слушна силен тресок на кровот. Се преплашив, не знаев што може да биде. Кога излегов од дома што да видам дрвото, багрем падна врз нашата куќа. Менувавме кров, керамиди се на наш трошок, се уште не сме добиле обесштетување. Може да се види дека има тука уште стари дрва кои се пред паѓање, стравуваме да не се повтори некој ден – вели Ленче Танева од Благој Ѓорев број 30. 

Од локалната самоуправа најавуваат дека  со добивањето  на сопственоста на Домот на АРМ тие ќе започнат со сечење на старите деградирани дрвја, кои се бројни во дворот  на Офицерски. 

 

Имаме сериозен проблем со стари деградирани дрва во градот.Има повеќе примери кога тие паѓаат и уништуваат дел од домовите на велешани, или автомобили, минувачи. Ги сечеме и отстрануваме, но наидуваме на проблем со екологистите. Тие бурно реагираат на секое исечено дрво иако штетата од нив ја плаќаат граѓаните од Буџетот – велат од Општина Велес. 

Последниот месец исекле 30-тина дрва што во градот што во околината. Најмногу на регионалниот  пат кон Башино село. Таму пред некоја година падна дрво кое усмрти возач. Поради ова општина плати 40 илјади евра обесштетување, поради што мораше Буџетот да  има ребаланс за да се исплатат овие средства.

Со одлука на Собранието на Општина Велес од 1989 година, заштитени со Закон  во градот се осум дрвја јавори се прогласени за споменици на природата. Тоа се двата во црквата Св. Пантелејмон, двата на плоштад Сармаале, по еден кај Варналиите, кај Маалска чешма, кај Саатот и на Којник, како и тој во дворот на манастирот Св. Димитрија. На нив согласно оваа одлука се забранува сечење и кастрење на дрвјата или гранките, се забранува лепење плакати, реклами или некролози, се забранува палење на оган во нивна близина. Заштитени споменици на природата се и платаните, јаворите по текот на Бабуна од Пешти до вливот во Вардар, како и по текот на Тополка од Превалец до вливот во Вардар.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »