речник контакт

Стоби за шест месеци го посетиле 6,7 илјади посетители (фото)

4.150 домашни, најчесто ученици и 2.550 странци, најмногу Срби и Полјаци

Петар Печков

Археолошкиот локалитет Стоби за првите шест месеци од годинава  го посетиле 6,7 илјади посетители,  од кои 4.150 домашни и 2.550 странци. Од странмците најчести гости се Србите и Полјаците. Стоби најголем број посетители има од април до ноември, со најголем интензитет во мај, јуни и септември, кога се и школските екскурзии. Во јули и август, поголем е бројот на странски туристи кои патуваат со автомобил во Грција. Во просек Стоби го посетуваат околу 13.000 посетители од април до ноември. 

Во зимскиот период ретко има посетители во Стоби. Мозаиците се затворени за нивна заштита, освен мозаикот во Старата епископска базилика кој го вративме во оригиналната позиција минатата година. Посетителите во овој период од годината можат да видат дваесетина презентирани градби на локалитетот: театарот, петте базилики, двете бањи, доцноантичките резиденции, храмот на египетските божества, градбата со арки и др. Од април до ноември работиме од 8 до 20 часот секој ден во зимо од 8 до 16ч.. Во летниот период, освен градбите повеќето мозаици се достапни за јавноста“, вели директорката Силвана Блажевска.

Обиколката на Стоби трае еден час, некогаш и повеќе во зависност од интересот на посетителите, а во цената на билетот е вклучен и водичот. Во лето се ангажирани најмалку четворица водичи кои на посетителите им ја пренесуваат приказната за локалитетот. Секој посетител со купениот билет добива и флаер со кратки информации и мапа на локалитетот со обележана патека на движење доколку одберат да шетаат без водич. На влезот е поставена сувенирница, во која можат да се купат разни сувенири. 

Националната установа „Стоби“ во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија, веќе шеста година по ред во текот на јуни и јули на локалитетот Стоби организира меѓународни летни работилници за конзервација на керамика и мозаици, школа за археологија, годинава првпат и работилница за напредна дигитална фотодокументација. 

„Пред се', треба континуирано да се посветува внимание на конзерваторските зафати, на одржувањето на презентираните градби и на целиот локалитет за да се привлечат посетителите. Чист, среден и добро одржуван локалитет остава многу поголем впечаток. Добро раскажаната приказна од страна на водичката служба, исто така е исклучително важно за презентацијата. Задоволните посетители ќе донесат нови“, објаснува директорката, изразувајќи надеж дека и мобилната апликација – водич низ локалитетот ќе биде наскоро готова. Музејската поставка со лапидариумот, напомнува Блажевска, треба да ја комплетира сликата за историскиот и културен развој на Стоби, но таа се согласува и дека постоењето на место за одмор и освежување на локалитетот е клучен момент, особено во летниот период. 

„Треба и да се посвети повеќе внимание на маркетингот и на поорганизирана комуникација и соработка со туристичките агенции кои задолжително би го вклучиле локалитетот во својата понуда, организирање на повеќе настани за што се потребни и човечки ресурси, односно маркетинг менаџер кој би се посветил само на тој сегмент од работата во установата. Многу би помогнало и подобрување на патната сигнализација, со поголеми и повпечатливи информативни табли на главните магистрали, особено на главните туристички центри“, вели Блажевска.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »