речник контакт

Стравични сведочења на нацистичките војници од Втората Светска војна

Книгата со сведоштва на германски војници зaтвореници, ја открива мистеријата зошто обичниот човек кој пред војна не бил во состојба ни куче да удри, се претвора во крвожедна машина веднаш штом облече униформа

Петар Печков



Прислушувани нацистички војници: Пукав во се, баш сакав да гаѓам мајки со колички

Сакаш да дојдеш да снимаш? Па зошто не кажа? Мислам вообичаено ги убиваме на утро, но ако е тоа проблем ќе најдеме некого да го убиеме попладне!





„Војници: Воени дневници, убиства и смрт“ е уште една книга која го разбива митот за чесноста на војниците на германскиот Вермахт, за кои се смета дека во текот на Втората светска војна не вршеле воени злосторства и безпотребно не убивале, мачеле и силувале како „оние хитлеровски фанатици од Ес-Ес“. Книгата предизвика сензација кога неодамна беше објавена во Германија, а наскоро ќе излезе и на англиски јазик.

Се работи за книга на историчарот Зенке Најцел, кој своето истражување го базира на сведочења од прва рака, односно врз меѓусебните опуштени разговори меѓу припадници на Вермахтот кои биле во воено заробеништво во Британија и чии разговори Британците тајно ги снимале. Поради ова Најцел нагласува дека се работи за автентични зборови и дека не може да се тврди оти ваквите сведочења се извлечени под принуда.

Во поголемиот број случаи се работи за обични војници, морнари и пилоти кои меѓу себе се фалеле со убиства на жени и деца, силувања и егзекуции на цивили. Тие се фалеле дека биле доволно самостојни и дека не им биле потребни наредби од надредените затоа што самите знаеле што треба да прават и според нивните тврдења, всушност уживале во сето тоа.

- Пукав по се, секако не само по воени цели. Многу сакавме да гаѓаме мајки со колички, посебно ако со себе водеа и други деца држејќи ги за рака. Всушност на сето тоа гледавме како на спорт, раскажува натпоручникот Ханс Хартигс.

Еден неименуван офицер на Луфтвафе тврдел дека чувствувал физичка потреба да бомбардира. - Тоа правеше да се чувствувам добро. Тоа е толку добро чувство. Всушност како да сум убил некого, раскажува офицерот.

Војникот Еберхард Керле, кој служел на Кавказ, раскажува како тој и неговите војнички другари без чекање какви и да било наредби едноставно  „коселе се пред себе“. - Вади ги пиштолите, жени и деца, што и да видиш расчистуваш, раскажува тој.

Еден војник кој служел во Русија раскажува дека таму им било најтешко да убиваат деца. Британците кои прислушувале оваа изјава прво ја протолкувале како нишка на хуманост, се додека не чуле директно од неговата уста зошто им било најтешко: „Затоа што премногу мрдаа и не можевме да ги натераме да стојат мирно“.

Тајните снимки на разговорите на заробените германски војници откриваат и дека постоел своевиден егзекуциски туризам. Имено, војници кои имале пријатели во Ес-Ес единиците често изразувале желба да присуствуваат на чиновите на убивање цивили.

- Сакаш да дојдеш да снимаш? Па зошто не кажа? Мислам вообичаено ги убиваме на утро, но ако е тоа проблем ќе најдеме некого да го убиеме попладне!, со тие зборови генералот гроф Едвин фон Роткирх унд Трах раскажува како еден Ес-Ес-овец го повикал да присуствува на ликвидации.

Полковникот Милер-Риценбург пак раскажува како Ес-Ес-овците го повикувале на „лов на Евреи“. - Целата наша чета одеше и сите им се придруживме. На сите ни дадоа да избереме по еден што ќе го убиеме, раскажува тој.

- Додека бев во Харков, таму како принудни работнички имаше многу убави девојки. Ние ќе поминевме крај нив, ќе уфрлевме неколку во автомобилот и потоа откако ќе завршевме со нив ги исфрлавме. Една за која што мислевме дека е руска шпионка прво ја претепавме. Прво со стап по градите, па потоа со пиштол по задникот, по што и се изнаредивме осуммина. На крај ја разнесовме со бомба, продолжува Милер. - Не ни писна, додава друг војник.

Наспроти овие признанија книгата всушност говори за длабоката метаморфоза на 40 проценти од германските мажи, односно речиси 20 милиони, кои во периодот од 1939 до 1945 година за љубов на фирерот облекоа униформи и кои уште од младоста беа индоктринирани со нацистичката пропаганда  поради која беа уверени дека се надлуѓе кои можат и смеат да прават што сакаат.

Книгата исто така е обид да се открие мистеријата зошто обичниот човек кој пред војна не бил во состојба ни куче да удри, се претвора во таква крвожедна машина веднаш штом облече униформа и колку сето тоа брзо се случува. Според ова, по се изгледа дека тоа се случува многу брзо, ја коментира книгата геманскиот „Шпигел“.

 текстот е преземен од Јутарњи лист - Загреб

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »