речник контакт

Стрип центарот годинава издаде четири стрип изданија меѓу нив и завршното за Итар Пејо, трет дел

Кај нас во Македонија е Дон Кихотовски е да се бавиш со стрип уметноста вели Трајков

Петар Печков

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го продолжува континуитетот на стрип изданија на македонски јазик. Годинава  издадени се  четири стрип книги,  ,,Хавана - САД,, од Гани Јакупи од  Шпанија , ,,Вековници - Реквием,,  од  Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов  од Србија,  ,,1990 -1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип,,  од Александар Стеванов , од Штип  и ,,Итар Пејо,,  3 дел од Диме Иванов -Димано.

Првите  две книги се македонски изданија на стрип книги, издадени врз основа на богатата интернационална соработка којашто Стрип центарот од Велес ја реализира долги низ години.

Годинава е една од побогатите во стрип издаваштвото на Стрип центарот. Освен овие четири стрип книги објавивме и два броја на списанието ,,Стрип креатор,, 29-ти и 30-ти број.  Тоа е единствено постојано стрип издание кај нас, каде  освен подобрите стрипови од традиционалниот Интернационален стрип салон , простор добиваат  и македонски автори од разни генерации - вели Ване Трајков претседател на Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес. 

Ја издвојува стрип  книгата „1990 -1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип,,   во која авторот  Александар Стеванов од Штип  ги собира сите активности поврзани за стрипот во првата декада од самостојноста на Македонија.

Со издавањето на ,,Итар Пејо,,  3 дел од авторот  Диме Иванов -Димано го завршивме опусот за Итер Пејо. Авторот се откажа од хонорарот, само да излезе стрип книгата, бидејќи имавме средства само за печатење. Таа е во луксузно издание, тврд повез, во боја. Пригодна е за подарок на деца, внуци бидејќи само така децата ќе дознаат за итроманот Пејо - кажа Трајков. 

Стрип изданијата се финансирани од Министерството за култура. Годинава поради помал фонд на одобрени пари, не ја отпечатиле стрип книгата за Св. Кирил и Методиј од Миле Топуз, доајен на македонскиот стрип. Тој со 87 години ја нацртал стрип книгата на 46 страници, по негово сценарио за само половина година. Се надеваат дека ова дело ќе добие средства за следната година и ќе биде отпечатено. 

Стрип изданијата можат да се набават во единствената професионална продавница во земјава ,,Бункер,,  или кај нас во Стрип центарот во Велес. За илустрација во Хрватска се издаваат по два  стрип наслови  на ден, во Србија тоа е неделно, кај нас во Македонија од сите издавачи  имаме десет наслови годишно. Во други земји се субвенционира стрип уметноста. Кај нас Дон Кихотовски е да се бавиш со неа. Во разговор со издавачките куќи од Србија, чии стрипови се продаваа во Македонија, тие се жалеа на ниската продажба. Стриповите со мега јунаците Загор, Текс Вилер, Мистер НО, Командант Марк се продавале до петстотини примероци, во држава која има два милиони население - рече Трајков. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »