речник контакт

Студентите кои ќе запишат на осигурување имаат можност за вработување во 16 компании

Интервју со Цветко Андреески декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, кој има диспензирана настава во Велес. Од есен таму ќе студираат 50 студенти кои ќе посетуваат настава за осигурување

Петар Печков

 Диспензираната настава  во Велес, на  Факултетот за туризам и угостителство – Охрид  е најстарата високо образован институција во Велес. Во градот постои и работи од 2004-тата година. Факултетот е  наследник на Високата угостителско туристичка школа основана во 1970 година. Тоа е една од првите високообразовни институции од областа на туризмот во поранешната СФРЈ.

Самиот факултет е постар од Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и е една од членките основачи на Битолскиот универзитет во 1978 година. Факултетот секоја година запишува повеќе од 300 нови студенти, или вкупно на факултетот има повеќе од 1000 активни студенти. На факултетот има шест студиски програми: три од областа на туризмот и угостителството и уште три од областа на услужните дејности.

Од областа на туризмот и угостителството ги нудиме следните студиски програми: Туризам, Хотелско ресторански менаџмент и Гастрономија исхрана и диететика. Останатите три студиски програми се Осигурување, Царина и шпедиција и Менаџмент во услужен сектор. 

За уписите кои следат и за факултетот интервју со деканот Цветко Андреески.

       Колку студенти посетуваат настава на Факултетот за туризам и угостителство, диспензирана настава во Велес годинава што изминува 2015/6 ?

Во оваа академска година дисперзираните студии на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид имаат околу 50 активни студенти. Таа бројка очекуваме да се зголеми со запишување на нови студенти во прва година на студиската програма Осигурување. Овој број е мал затоа што пред две години сите студиски програми за нашите диспензирани студии беа ставени во мирување. 

          Колкумина имаат завршено на Факултетот за туризам и угостителство, диспензирана настава во Велес, досега од неговото постоење?

На диспензираните студии во Велес од 2004 година кога започнаа со работа до денес имаат дипломирано околу 450 студенти на сите студиски програми кои беа достапни во Велес: Туризам, Гастрономија исхрана и диететика, Хотелско ресторански менаџмент, Осигурување. Во Велес се запишуваа студенти од Велес, но и од Скопје, цела Источна и Централна Македонија.

       Каква перспектива и што нуди насоката осигурување,  бидејќи   есенва таму ќе посетуваат настава новите бруцоши од Велес?

Студиската програма Осигурување ги нуди сите можности кои им се гарантирани на студентите според Законот за високо образование на Република Македонија. Оваа студиска програма е специјализирана за областа Осигурување и на неа предава наставен кадар кој е изградуван во областа во период од 20-тина години. Таа е прва специјализирана студиска програма од областа на осигурувањето и управувањето со ризици во Република Македонија. Дипломираните студенти на оваа студиска програма имаат можност својот иден професионален ангажман да го најдат во една од 11-те осигурителни компании за неживотно осигурување, или во една од 5-те компании за животно осигурување, во Фондот за ПИОМ, во други финансиски и инвестициски фондови, во Агенцијата за супервизија во осигурувањето, Во националната агенција за осигурување, во банките кои нудат осигурителни производи, во компаниите кои имаат посебни одделенија за осигурување.  Во текот на студирањето, студентите од оваа студиска програма изведуваат практична настава во сите четири години од студирањето, а клиничка настава ќе имаат од врвни експерти од областа.

          Кои се Вашите планови за развој на факултетот, како  негов декан?

Факултетот има долга и успешна историја во областа на едуцирање на кадар од областа на туризмот, но и од областите на другите студиски програми кои се изучуваат на факултетот, но и долга и успешна историја во областа на изработка на проекти, на научно истражувачка работа и соработка со други сродни високообразовни институции од странство. Кога имате ваква историја најголемиот предизвик е да се одржи нивото на работа во сите сегменти, како и да се унапредат можностите и потенцијалите за идни подобри резултати. Мојата визија и визијата на наставниот кадар на факултетот е унапредување на меѓународната позиција на факултетот, воведување поголем број на студиски програми од сите циклуси на студирање на англиски јазик, зголемување на бројот на студенти и наставен кадар кои остваруваат мобилност на други универзитети во странство, како и запишување на поголем број на странски студенти на факултетот. Сето тоа треба да биде пропратено со подобри резултати во наставниот, научно истражувачкиот и со процесот на интензивирање на меѓународната соработка. 

           Која е мисијата и целите на факултетот?

Основната мисија на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид е едукација на кадар од областа на туризмот, угостителството и услужните дејности. Основните цели на факултетот се континуирано подигнување на стандардите и можностите за тековните и идните студенти со цел да добијат поквалитетна едукација, но и повеќе можности за студиски престои во државата и странство, како и можности за изведување на практична настава и работење во компании од областа која е предмет на нивното студирање. 

          Каква е функцијата на Центарот за научно –истражувачка работа ?

Центарот за научно-истражувачка работа - ЦНИР е основан во 1985 година од страна на наставниот кадар на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. ЦНИР функционира како посебна организациона едница при ФТУ, со сите права и обврски кои ги налага Правилникот за внатрешните односи и работењето на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Преку Центарот за научно истражувачка работа објавени се повеќе од 100 учебници кои се користат во наставата на факултетот, но и на други факултетот од истите области во Република Македонија. Преку  ЦНИР реализирани се повеќе научно-истражувачки проекти во државата, но и меѓународни како Темпус, билатерални и ИПА проекти. Центарот за научно истражувачка работа учествува и во организирање на научни конференции од областа на студиските програми кои се изучуваат на факултетот. До сега се организирани 13 научни конференции во кои директно учествува ЦНИР и голем број на конференции во кои се јавува како коорганизатор. Преку центарот се склучени договори за соработка со голем број на научни институции, но и компании со кои се остварува тесна соработка во делот на практична и клиничка настава. Во рамки на центарот се координира и меѓународната соработка на факултетот со други високообразовни институции од странство. Една од активностите кои ја организира и следи е и мобилноста на наставниот кадар и студентите од ФТУ. 

             Кој професорски кадар ги образува студенти на Вашиот факултет?

Студентите на ФТУ се стекнуваат со теоретски и практични знаења и вештини во текот на студирањето. ФТУ има 35 наставници во редовен работен однос од разни областа и одреден број на хонорарен наставен кадар за предметите за кои немаме сопствен кадар. Секоја година студентите од сите студиски програми изведуваат практична работа во компании од областа која ја студираат. ФТУ има склучено договори за практична работа со повеќе од 50 компании, но и одреден број на државни институции каде што се организира практична работа. За секоја студиска програма постои одговорно лице за организирање на практичната настава и следење на активностите на студентите. Студентите имаат можност за стручните предмети да слушаат предавања од еминентни стручни лица од областа. Секоја година на факултетот предавања држат и странски професори од универзитети со кои ФТУ и Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола имаат склучено договори. 

           Имаат ли студентите и професорите меѓународна обработка со други научни институции ?

ФТУ има богата меѓународна соработка со голем број на универзитети и високообразовни институции со кои остварува соработка од основањето до денес. Само минатата година шест студенти и четири наставници го остварија правото за мобилност на универзитети од Европската Унија. Факултетот оваа година е организатор една конференција во Охрид, а коорганизатор на уште две меѓународни научни конференции. Секоја година листата на универзитети и факултети со кои соработуваме се зголемува. Пет наши професори се визитинг професори со редовен повеќегодишен ангажман на универзитети во странство. Секоја година на нашиот факултет доаѓаат неколку професори, но и студенти на мобилност. Се разбира дека ваквата соработка  сакаме да ја интензивираме. Факултетот тековно работи еден ИПА проект, а има аплицирано на нови ИПА проекти и Балкан-Медитеран проекти. Соработката со универзитети од Европската Унија е олеснета со користење на ЕКТ системот и програмите за мобилност, но покрај тоа ФТУ остварува добра соработка со одреден број на универзитети надвор од Европската Унија. ФТУ има долгогодишна соработка со асицијацијата на Комјунити колеџи од САД, но и со универзитети од Русија, Турција и други држави.

        Дали и каде Вашите студенти имаат можност за  студентска размена?

Една клаузула во договорите за соработка со другите универзитети е и размена на студенти за теоретска, но и практична настава на друг универзитет или компанија во странство. Преку ваква соработка ФТУ има обезбедено реализација на практична работа со Република Грција, во Франција и во Соединетите Американски Држави. Во тек е организирање на ваков вид на соработка и со држави од соседството. Можностите за доусовршување се уште поголеми. Тука се можностите што ги дава Еразмус плус програмата за мобилност, но и заедничката студиска програма на втор циклус со Унниверзитетот Еберсвалде од Германија. Дипломите што ги добиваат студентите се според ЕКТ системот што им обезбедува на студентите можност за продолжување на своето студирање на кој и да било универзитет во Европа. Некои студенти веќе ги имаат искористено тие можности. Тие се нашите амбасадори во странство. 

         Кога се уписните рокови и кои се условите за упис на наставата која се одржува во  Велес ? 

Првиод уписен рок е на 18 и 19 август. Во овој уписен рок право на пријавување имаат студенти со положена државна матура. При бодувањето 60% од бодовите носат оценките од предметите во свидетелствата, а 40% успехот постигнат на државната матура. Подетално за начинот на пресметка на бодовите идните студенти можат да добијат од Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, како и на официјалната веб страна на факултетот. Како и секоја година во Конкурсот предвидени се посебни квоти за студенти од странство, за националностите и други групи на апликанти. 

www.ftu.uklo.edu.mk

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »