речник контакт

Студентите од летната школа за археологија во Стоби, годинава работат на истражување на објектот „Затвор“

Годинава археолошките истражувања се одвиваат со учество на 19 студенти и волонтери од САД, Канада и Кина

Петар Печков

Во античкиот локалитет Стоби во тек е 11 сезона од меѓународната школа за археологија. Оваа година, археолошките истражувања се одвиваат со учество на 19 студенти и волонтери од САД, Канада и Кина. Активностите се фокусирани на објектот наречен „Затвор“ чија намена и хронологија се непознати, како и на уште две куќи кои биле прилепени на неговите ѕидови во 6-иот век.

„Школата ја работиме 11 години. Студентите ги учиме на методологија на археолошки ископувања. Од факултетите од каде тие доаѓаат, немаат услови да учат така како што има овде во Стоби.   Се што истражуваме останува во Стоби а нивно е да ја научат методологијата“ - вели Јован Радњански, виш кустос од НУ Стоби.  

Преку директна теренска работа, учесниците ги  учат основни методи на археолошки ископувања и документација. Програмата вклучува и предавања на различни теми, поврзани со истражувањата во Стоби, а  се  реализирани и едукативни екскурзии во Охрид, Битола и Скопје.

„Овој континуитет од 11 години е резултат на тоа што НУ Стоби има бенефит од оваа школа. Летните школи допринесуваат во иста мерка како продажба на сувенири и  билетите од посетители. Потоа обучуваме нови идни генерации  археолози за теренска археологија. Со присуството на овие студенти се популаризира локалитетот и културното наследство кое се наоѓа тука, во просторите од каде тие доаѓаат“- вели Гоце Павлов, инструктор во школата за археологија.  

Студентите работат четири седмици, ангажирани се преку Фондацијата Балканско наследство, која е партнер на НУ Стоби.

„Да се биде тука е исклучителна можност за сите нас, да се учествува во работа на проект и локалитет како што е Стоби. Тоа значи многу за нашата едукација и нашиот развој. Тука се здобиваме со практично искуство, бидејќи такво тешко се наоѓа додека студираме во колеџот“ рече Изабел Давид, студентка од Ајдахо САД.   

Меѓународната школа за археологија завршува кон крајот на месецов.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »