речник контакт

Судска разрешница за пуштање во промет на 35 илјади американски долари кои биле фалсификат

Ефектна затворска казна, условни но и ослободителни за 12-те обвинети

Петар Печков

Зоран Кабранов доби една година и пол затвор, додека негови блиски условни затворски казни, сите се осудени за фалсификување и пуштање во промет на 35 илјади американски долари. За разлика од нив четворицата вработени во експозитурата на Силк Роуд банката во Кавадарци се ослободени од вина. Ова е одлука, која не е правосилна, донесена  во Основен суд Велес, од кривичниот совет со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова. 

Судењето опфати вкупно 12  обвинети лица. Прво обвинетиот Зоран Кабранов во временскиот период од 17.04.2018 до 03.05.2018 година во четири наврати, според обвинителството, пуштил во оптек лажни пари – 137 банкноти во апоени од по 50 американски долари. Според обвинението  банкнотите се разликувале од оригиналните според техниката на печатење, видот на хартијата, техниката на печатење на сериските броеви, водениот жиг, заштитниот конец, оптичката варијабилна боја и неимитираната ИП заштита. Овие банкноти тој ги продал во банката со потврда за продавање ефективни странски пари. Дека парите биле лажни потврдија вештите лица од Народна Банка на Северна Македонија.   

Во истиот временски период, Кабранов  поттикнал уште седуммина обвинети, негови блиски роднини и пријатели,  да пуштат во оптек лажни пари во апоени од по 50 американски долари. Петмина од обвинетите биле негови роднини, еден бил вработен во неговото правно лице, а еден бил лице кое му помага во вршење на помошни работи. Тој им дал вкупно 559 вакви банкноти и ги поттикнал да ги заменат во денари, а потоа добиените средства да ги уплатат на сметка на правните лица кои се во негова сопственост и во сопственост на уште еден од обвинетите.

Обвинетиот Зоран Кабранов кажа дека парите тој ги добил од лице од Албанија.

„Работев со лице од Албанија, Кујитм Лика. Тој ми должеше 35 илјади евра. Ми ги прати преку негов вработен а мој познаник со комбе, ги презедов на бензинската во Дреново. По неколку денови ги внесов во банка. По пребројувањето беше констатирано дека 50 долари нема, дека се 34.950 долари. Јас ги внесов сите девизи во неколку наврати а членовите на семејството потпишуваа дека ги внесуваат парите како позајмица, за да не се води постапака за потекло на парите.  По 45 дена од тогаш ми се јави раководителот на банка, со образложение дека од Народна банка им кажале дека се фалсификат. Јас не знам дали се тоа истите пари кои јас ги дадов во банката. Оти тие што јас ги внесов, не се внесоа серски броеви, при пребројувањето не се констатира дека се фалсификувани. Парите јас ги носев а моите само потпишуваа позајмица, тие немаа допир со нив’ - кажа Кабранов.



Според судската одлука, обвинителството не докажало  дека обвинетите вработени во банката, од кои двајца шалтерски работници, раководител и заменик раководител на експозитурата во Кавадарци, во наведениот временски период, во повеќе наврати, со неизвршување на својата службена должност, прибавиле значителна имотна корист за обвинетиот. Обвинетите шалтерски работници во банката примиле и откупиле вкупно 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари, во вкупен износ од 34.800 американски долари  и при размена на девизни средства, со што на штета на банката е исплатен вкупен износ од 1.727.545 денари.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »